19/04/2024
Македонија

Свечена заклетва на 33 генерација на доброволно служење во АРМ

Денеска во Центарот за индивидуална обука во Касарната „Алекса Демниевски Бауман“ во Велес, се одржа свеченост на која седумдесет и седум граѓани од кои осум жени, дадоа заклетва за доброволно служење на воениот рок во Армијата на Република Македонија.

На свечената заклетва присуствуваше и Државниот секретар во Министерството за одбрана, Драган Николиќ кој се обрати на новите војници и им ја честита дадената заклетва на војниците посакувајќи им успех во обуката во редовите на АРМ. Воедно им порача дека воената професија е предизвик, чест и гордост за младиот човек и дека нивната задача е да научат што е можно повеќе од тајните на воената вештина.

Директорот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Димче Петровски во своето обраќање посочи дека со служење на воениот рок се отвора можноста за надградба во воената професија и се креира база за понатамошна селекција во професионалниот состав на Армијата на Република Македонија.

На денешната свеченост во Касарната присуствуваа и заменикот командант на ЗОК, бригадниот генерал Павле Арсовски, командантот на Командата за обука и доктрини, полковник Љубенчо Петровски, претставници на локалната самоуправа, роднини и пријатели на новите војници.

Војниците од 33 генерација на доброволно служење во АРМ во наредниот период од три месеци ќе стекнуваат знаења и вештини од основната воена обука во Центарот за индивидуална обука.