25/04/2024
ДебрцаОхрид

Свечено одбележан Денот на крводарителството и Денот на Црвениот крст во Охрид

Црвен крст Охрид денес го одбележa 17 март – Денот на крводарителството и Денот на Црвениот крст. На свеченоста беа доделени признанија на заслужни крводарители, поединци, фирми и институции кои помогнале во унапредување на крводарителството во Охрид и Дебрца во 2022 година.

„Можеме да се пофалиме дека минатата 2022 година беше доста успешна во рамките на крводарителството, со преку 16 крводарителски акции собрани беа 1279 единици крв, беа задоволени потребите на здравствените установи, односно на пациентите во здравствените установи во Охрид и Дебрца. Голем број крводарители беа дел од овие крводарителски акции и ја користам оваа прилика да им се заблагодарам на нив, да изразам почит за нивната хуманост за нивната посветеност на ова благородно чувство и оваа благородна мисија во ова тешко време-невреме. Изборот да се биде хуман е голем предизвик, им благодарам на се поголемата армија на хумани луѓе крводарители. Она што нас не задоволува и не прави горди е бројот на околу 30% први дарители, прв пат што дарувале крв во 2022 година, тоа е иднината, тоа е поттик за младите и останатите да бидат дел од ова големо хумано семејство.“ – истакна Сашо Точков, претседател на Црвен крст Охрид.

„Дарувањето крв е едно чувство кое ми прави големо задоволство. Тоа почна како една младешка радозналост од гимназијалските денови, после стана како една морална обврска, секоја година по 3-4 пати. На младите им давам една препорака, ако можат да донираат крв. Јас ќе продолжам да давам крв се дури можам.“ – истакна Иво Милески, кој има дарувано крв преку 100 пати. 


WebOhrid / 17.03.2023