20/04/2024
Охрид

Света литургија на Плаошник за празникот Св.Климент Охридски

Споменот на светиот Климент Охридскиот Чудотворец, патронот на нашата света Македонска православна црква и заштитникот на нашиот град, започна на 07.12.2017 година, со празнична Вечерна богослужба, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски и Димче Ѓорѓиески, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески и Ѓорѓи Блажевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Вечерната богослужба, беше отслужен Молебен на свети Климент Охридски пред неговите свети мошти.

Торжествата во спомен на нашиот свет архипастир Климент, продолжија на 08.12.2017 година, во Светиклиментовиот манастир, со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофор Никола Христоски, свештениците Атанас Казанџиски, Владо Недески, Игор Младеновски, Александар Зашов, Љупчо Бакрачески и Александар Димоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконите Дејан Борисов и Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа.