07/10/2024
Македонија

Светата маченичка Људмила и Светата великомаченичка Ефимија

Светата маченичка Људмила

Таа му е баба на Св. Вацлав, кралот чешки. Беше мажена за чешкиот кнез Боривој. Многу ревнуваше за Христовата вера и мнозина ги обрати од незнабоштво во христијанство. Снаа ѝ ја мразеше, па испрати луѓе што ја удавија старицата Људмила. Вацлав го погреба телото на Св. Људмила во црквата на Св. Георгиј во Прага. Од нејзините мошти се случија многу чуда. Пострада во Течино во 927 година. Св. Вацлав, големиот ревнител за православната вера, беше убиен од својот брат Болеслав.

Светата великомаченичка Ефимија

Родум од Халкидон. Татко ѝ беше сенаторот Филофрон, а мајка Теодорисија, обајцата благочестиви христијани. Ефимија беше прекрасна девица и по тело и по душа. Кога антипатот Приск устрои празник за жртвопринесување на Ареј во Халкидон, тогаш четириесет и деветмина христијани се засолнија од тоа скверно жртвопринесување и се сокрија. Но ги пронајдоа и ги изведоа пред Приск. Меѓу нив беше и Света Ефимија. Кога надмениот Приск ги запраша зошто не ѝ се покоруваат на царската заповед, тие одговорија: „И на царската и на твојата заповед треба да ѝ се покориме, ако не Му се противи на небесниот Бог; ако пак се противи на небесниот Бог, не само што не треба да ѝ се покоруваме туку треба и да ѝ се противиме.“ Тогаш Приск ги удираше на разни маки, и тоа деветнаесет дена наред, секојдневно. Дваесеттиот ден ја одвои од останатите Ефимија и почна да ѝ ласка за нејзината убавина за да ја придобие за идолопоклонството. Но бидејќи сите лаксања пропаднаа залудно, заповеда да ја мачат девицата. Ја мачеа прво на тркало, но ангел Божји ѝ се јави и го искрши тркалото. Потоа ја фрлија во огнена печка, но со Божја сила беше сочувана. Кога го видоа тоа, двајцата војници Виктор и Состен поверуваа во Христа, заради што беа фрлени пред ѕверовите и така славно го завршија својот живот. Потоа Ефимија беше фрлена во ров исполнет со вода и со секаква отровна нечистотија, но таа ја прекрсти водата кога влезе во ровот и остана неповредена. Најпосле ја изведоа пред дивите ѕверови, таа со благодарност Му се помоли на Бога и го предаде својот дух. Нејзините родители чесно го погребаа телото. Пострада во 304 година и се пресели во вечната радост. Се споменува и на 11 јули.