29/03/2024
Македонија

Свети Владимир, голем кнез руски и Светиот маченик Давид Алепски

Свети Владимир, голем кнез руски

На крштението наречен Василиј. Син на кнезот Свјастослав, а внук на Игор и Олга. Најпрво беше незнабожец, и според верата и според животот. Кога дозна дека постојат други вери, почна грижливо да испитува која од нив е најдобра. За ова испрати делегација во Цариград. Кога пратениците се вратија, му соопштија на кнезот дека биле на служба во Православната Црква во храмот на Света Софија и дека биле „надвор од себеси не знаејќи дали се на небото или на земјата“. Тоа го поттикна Владимир да се крсти и да го крсти својот народ. Главниот идол Перун беше симнат од Киевскиот Рид и фрлен во реката Дњепар. Кога ја прими христијанската вера, Владимир совршено го измени својот живот и сиот труд го вложуваше совршено да ги исполнува заповедите на оваа вера. Нареди насекаде по државата да се ѕидаат цркви наместо урнатите идолишта, а самиот ѝ изгради прекрасна црква на Пресвета Богородица во Киев.

Црквата беше подигната на истото место каде што порано за Христа маченички пострадаа Свети Теодор и неговиот син Јован (под 12 јули). Со истиот оној непоколеблив напор со којшто порано го штитеше идолопоклонството, Светиот кнез Владимир потоа го распростре христијанството. Се упокои во Господ во 1015 година.

Светиот маченик Давид Алепски
Свети Давид Алепски го исповедал Православието и за Христос примил маченичка смрт. Тој имал семејство: жена и четири деца, а заедно со нив живеела и неговата стара мајка. Луѓето го почитувале како чесен и праведен човек, иако со избувлив карактер, но со цврсти убедувања, човек што секогаш пламено ја бранел правдата, колку и да го чинело тоа. Имал педесет години кога го погубиле. Поради тоа што не сакал да се потурчи, свети Давид два месеца поминал во затвор. Мачителите му ги скршиле нозете со метални прачки, ги воделе кај него неговата мајка и неговата жена и ги терале да стојат пред него и со солзи да го молат да се покори, макар привидно да се согласи да биде муслиманин, а во душата да остане христијанин. Но, Давид не ги слушал нивните воздишки и молби, и не одговорил на нивните прозби, иако му било неподносливо тешко да им предизвикува болка на блиските. Но Бог му давал сили и ја укрепувал неговата вера. До крајот останал непоколеблив во својата вера во Христос. Пред да биде погубен, извикал: „Не прифаќам никого, освен Христос!“ Тоа се случило на 15/28 јули 1660 година.