25/04/2024
Македонија

Светиот маченик Анастасиј и Светите маченици Маркијан и Мартириј

Светиот маченик Анастасиј
Беше валар на платно и ревносен христијанин. Во времето на гонењето на Диоклецијан овој Божји човек самиот му се јави на судијата мачител во Далматинскиот град Солин и ја исповеда својата вера во Христа. Нечовечно го мачеа пред да го убијат. Телото му го фрлија во морето, но потоа беше извадено и погребано чесно.

Светите маченици Маркијан и Мартириј

Овие Божји светители беа клирици при цариградскиот патријарх Павле во времето на царот Констанциј. По смртта на великиот цар Константин Ариевата ерес, којашто дотогаш беше пригушена, повторно заживеа и зеде замав. Па и самиот цар Констанциј клонеше кон таа ерес. На царскиот дворец имаше двајца влијателни големци, Евсевиј и Филип. обајцата ревносни аријанци. Под нивно влијание патријархот Павле беше симнат од престолот и протеран во Ерменија, каде што Аријанците го удавија. Патријаршискиот престол го зазеде злочестивиот Македониј. Во тоа време, кога Православието имаше пред себе две лути борби, една со незнабожците друга со еретиците, Маркијан и Мартириј се заложија за Православието со сета сила и одлучност. Маркијан беше чтец, а Мартириј ипоѓакон при соборната црква и под патријархот Павле беа патријархови нотари. Аријанците се обидоа најпрво да ги потплатат, но кога овие Свети мажи го одбија тоа, тие ги осудија на смрт. Кога ги изведоа на губилиштето, ги воздигнаа рацете и Му се помолија на Бога благодарејќи Му за маченичкиот крај на својот живот: „Господи, се радуваме што од овој живот излегуваме со ваква смрт. Удостој н ? да бидеме причесници на животот вечен, Ти Којшто нам Си ни живот!“ Тогаш ги потклонија своите глави под мечот и беа обезглавени, во 355 година. Над нивните чудотворни мошти подоцна во нивно име подигна црква Св. Јован Златоуст.