15/10/2024
Македонија

Светите маченици Кирик и Јулита

Денес е празник посветен на Светите маченици Кирик и Јулита.

Светителката беше од благороден род. Рано остана вдовица со новороденото дете Кирик. Живееше во Ликаонскиот град Иконија и наполно беше предадена на живот во Христа. Нејзиниот син го крсти веднаш по раѓањето, а кога имаше три години, го научи на верата и на молитва онолку колку што може да прими дете на таа возраст. Кога Диоклецијан нареди да се гонат христијаните, невина крв беше пролеана во градот Иконија во изобилство. Јулита го зеде својот син и се засолни од гневот на незнабожците во градот Селевкија. Но ни таму не беше подобро. Ја фатија како христијанка и ја изведоа на суд. Откако таа ја изјави храбро својата вера во Господ Исус, судијата, за да ја нажали и поколеба, го зеде детето на своите раце и почна да го милува. Но Кирик викаше на сиот глас: „Пушти ме кај мајка ми, јас сум христијанин!“ И почна да го гребе судијата со рачињата, одвраќајќи го своето лице од него. Судијата се разжести, го тресна детето од земја, го турна со ногата, а тоа се стркала по камените скали и Му ја предаде својата света душа на Господ. Кога виде како Кирик пострада пред неа, Света Јулита радосно Му заблагодари на Бога Којшто и синот ѝ го удостои со маченички венец. По многу маки беше убиена со меч, во 304 година. Моштите на Светите Кирик и Јулита до денешен ден се чудотворни. Дел од нив се наоѓа во Охрид, во црквата на Пресвета Богородица Болничка.