29/03/2024
Македонија

Светите славни Четириесет Битолски преподобномаченици

Светите славни Четириесет Битолски преподобномаченици

Bо времето кога Османлиите го освоиле градот Битола, по четиримесечна опсада и тешки, жестоки битки, следеле страшни настани: жителите биле убивани, жените силувани, свештениците, монасите и монахињите мачени и погубувани; храмовите биле ограбувани и сквернавени, а потоа и до темел палени. Особено големо крвништво варварите покажале кон свештениците и монасите, кои за сето време на борбите непрестајно го поучувале и поткрепувале верниот народ, поттикнувајќи го да се бори докрај за својот Спасител и Творец – Христос. Најревносните проповедници и чувари на верата, претежно млади монаси со неколку опитни Старци, заедно триесет и девет на број, од повеќе битолски манастири и скитови, кои по Божја промисла ги преживеале страшните настани, се повлекле во манастирот „Свети Георгиј Победоносец“. Но, Османлиите откриле каде се кријат овие монаси и ги заробиле. Најпрвин жестоко ги мачеле, потоа ги фрлиле во зандана, а утредента, доведувајќи им ги најдобрите мухамедански учители, започнале ласкаво да им се додворуваат и да ги убедуваат да се откажат од Христос. Започнала препирка за тоа која вера е вистинската, при што монасите мудро одговарале, темелејќи ги своите зборови на Светото Писмо и светоотечкото Предание, и така постигнале победа во дијалогот. Откако го проследил со големо внимание овој дијалог, еден Турчин, кој се викал Хасан, а им служел како преведувач на препирачите, се восхитил и бил трогнат од неочекуваната духовна длабочина и големото христијанско смирение на овие блажени души, па громогласно извикал: „Голем е Бог на христијаните, и јас сум Христов! Навистина, роден сум како мухамеданец и воспитан сум во мухамеданскиот закон, но сега го примам Божјиот призив што ме повикува во царството на Исус Христос, Синот Божји и Господ мој“. Тогаш Агарјаните се нафрлиле на својот сонародник и толку силно го претепале што на телото на маченикот не останало неповредено место, а потоа го фрлиле во занданата, заедно со останатите Христови преподобномаченици. Утредента, кога посрамените Агарјани увиделе дека монасите се непопустливи, исполнети со гнев, ги осудиле на смрт сите четириесетемина и ги повеле кон височинката на Баирскиот рид за таму да им ги отсечат главите. Одејќи кон својата Голгота, светите биле радосни, како да одат на свадбена веселба. На 9 март 1385 година, Осмaнлиите им ги отсекле главите и така преподобномачениците ја покажале својата бестрашност, извојувале неовенлива победа и го добиле венецот на славата од Господ, својот Подвигоположник, за да се радуваат вечно во Неговото царство, молејќи се за сите оние што верно го почитуваат нивниот свет спомен.