19/04/2024
Регион/Свет

Светски ден на слободата на печатот

Светскиот ден на слободата на печатот е прогласен од страна на Генералното собрание на Обединетите нации во декември 1993 година, по препорака на Генералната конференција на УНЕСКО. Тоа е можност да се прослават основните принципи на слободата на печатот, да се процени состојбата со слободата на медиумите во светот, да се одбранат медиумите од нападите врз нивната независност, како и да им се оддаде почит на новинарите кои ги загубија своите животи во вршење на службената должност.

Темата на одбележувањето во 2018 година ја истакнува важноста на овозможувањето на законско опкружување на слободата на печатот и посебно внимание и посветува на улогата на независното судство во обезбедувањето правни гаранции за слободата на печатот и гонењето на злосторствата врз новинарите.

Во исто време, темата се осврнува на улогата на медиумите во одржливиот развој, особено за време на изборите – како чувар кој негува транспарентност, отчетност и владеење на правото. Темата, исто така, има за цел да ги испита законодавните празнини во однос на слободата на изразување и информации на интернет, како и ризиците од регулирање на онлајн говорот.

Во рамките на Агендата за одржлив развој 2030, придонесот на новинарите и медиумските работници е најмногу поврзан со мирот, правдата и силните институции со цел одржлив развој. За да се постигне оваа цел, мора да се развијат ефикасни, одговорни и транспарентни институции на сите нивоа, а за тоа, слободата на печатот е од суштинско значење.

WebOhrid