20/04/2024
Охрид

СВР Охрид го одбележа 7 Мај, Денот на безбедноста и Ден на македонската полиција

Денеска, со пригодна свеченост и во присуство на градоначалникот Георгиески со неговиот тим и бројни претставници од органи на државната управа, образовните центри, јавните претпријатија и други гости, СВР Охрид го одбележа 7 Мај, Денот на безбедноста и Ден на македонската полиција.

Градоначалникот Георгиески, честитајќи го Денот на македонската полиција, рече: „ Вие сте тие кои гарантирате безбедност и сигурност за сите граѓани во едно општество, а наша е обврската во рамки на своите надлежности да обезбедуваме услови и да ги поддржиме Вашите проекти. Соработката меѓу општина Охрид и полицијата секогаш била добра, а така ќе биде и во иднина. Сите заедно ќе продолжиме да работиме на воспоставување на блиска соработка меѓу полицијата и граѓаните. Примете ги моите честитки по повод Денот на полицијата со желба за добро здравје и професионален напредок“.

Честитајќи го Денот на македонската полиција, началникот на СВР Охрид, Сашо Смилески, истакна: „СВР Охрид продолжува да се гради како современа полициска служба која во одржувањето на јавниот ред и мир, во борбата против сите видови криминалитет, во откривањето на сторителите на казнените дела и во другите сегменти од полициските работи, применува ефикасни правни и демократски процедури и стандарди“.

Во своето обраќање, м-р Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид рече дека СВР Охрид, впрочем како и целата македонска полиција денес, исправено стојат пред предизвикот – да бидат институција што во секој поглед ќе биде безбедносен гарант, сервис на сите граѓани.

„Станува збор за концепт којшто ќе треба да ја позиционира СВР Охрид во современ демократски систем на заштитник на безбедноста и сигурноста на сите наши граѓани и гарант за владеењето на правото во нашата држава“, посебно нагласи портпаролот Димоски. Тој додаде дека, СВР Охрид, работните обврски и задачи на безбедносен план ги извршува законски, професионално, ефикасно, ефективно, посветено, етично и транспарентно. Како што напомена Димоски, во првите четири месеци од оваа година, во Охрид регистрирани се вкупно 177 кривични дела со 45 проценти на реализација, што претставува намалување во однос на истиот период лани кога биле евидентирани 225 кривични дела и 35 проценти реализација.

На свеченоста, на полициските службеници Кире Стојоски од полициската станица Охрид и на Гоце Огненоси од полициската станица за безбедност во сообраќајот, им беа доделени благодарници за посебен придонес во работата на СВР Охрид.