СВР Охрид започнува превентивен Проект „Почитувај ја различноста“

Со цел да се подобри безбедноста на учениците во училиштата и да се намали бројот на кривични дела и нарушувања на јавниот ред и мир со елементи на насилство сторени од страна на ученици, СВР Охрид, утре го отпочнува превентивниот проект „Почитувај ја различноста“.

Реализацијата на проектот е предвидена со учениците од осмо и девето одделение од основното училиште „Братство“ со кои, утре во 11 часот и 30 минути, ќе се сретнат претставници од одделението за превенција. Проектот „Почитувај ја различноста“, кој во наредниот период ќе се спроведува и на останатото подрачје што го покрива СВР Охрид, низ интерактивен пристап, ќе понуди низа теми поврзани со насилството и причини за насилството меѓу учениците, со можностите за градење меѓусебна доверба, но и теми по избор на учениците.

Проектот треба да го поттикне учеството и соработката на вработените во училиштата, родителите и учениците во создавање на услови за безбедна средина и активно вклучување на сите во градење на безбедноста во училиштата. Основната идеја е да се интензивира и зајакне комуникацијата помеѓу учениците, но и да се унапреди соработката и партнерскиот однос на полицијата со училиштата и со локалната самоуправа.