28/03/2024
Македонија

СВР со безбедносни мерки за непречено одвивање на Вевчанскиот карневал

Со цел безбедно и непречено одвивање на манифестациите по повод годинешниот Вевчански карневал, Секторот за внатрешни работи Охрид ги презема сите неопходни безбедносни мерки на превентивен и оперативен план.

Во текот на карневалските денови, мерките на СВР Охрид и полициската станица од Струга се насочени кон зачувување на стабилна безбедносна состојба на целото подрачје во јавниот ред и мир, за спречување на казнени дела и регулирање на сообраќајот.

Со оглед дека јавните карневалски манифестации ќе се одржуваат на отворен простор и во присуство на зголемен број граѓани и гости од земјава и странство, полициски службеници ќе вршат физичко и сообраќајно обезбедување на карневалските манифестации.

Целокупниот сет безбедносни мерки за непречено одвивање на Вевчанскиот карневал, деновиве беше презентиран на работна средба помеѓу претставници на СВР Охрид и на локалната самоуправа од Вевчани. Притоа, од локалната самоуправа беа побарани дополнителни активности на нивните редарски и други служби во насока на подобрување на севкупните состојби за непречено одржување на карневалот.

Од работната средба произлезе апел до граѓаните, во текот на карневалските прослави да се воздржат од прекумерна употреба на алкохол, да не управуваат возила под дејство на алкохол, како и воздржување од употреба на огнено оружје, петарди и други пиротехнички средства.