Татко и син осомничени за насилство во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против две лица, татко и син од Скопје, за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело –  Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Двајцата осомничени, на 28 јули, во угостителски објект на булеварот „Словенија“ во Скопје, додека биле на семејна роденденска прослава, извршиле грубо насилство врз едно лице. Оштетениот одбил на еден од присутните гости на прославата да му даде чинии за кршење. Во тој момент, осомничениот се упатил кон шанкот и со рака замавнал кон шишињата и чашите, фрлајќи ги кон лицето на оштетениот. Оштетениот успеал да се заштити со рацете, по што осомничениот започнал да го удира со боксови во пределот на главата. Кон ударите се придружил и неговиот син, а за цело време двајцата осомничени упатувале пцовки и закани кон нападнатото лице. Оштетениот се здобил со телесни повреди по главата и телото, додека насилството предизвикало чувство на несигурност, загрозување и страв кај други присутни сведоци на настанот.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот 41-годишник, оценувајќи дека постои опасност да се даде во бегство или да го повтори делото, со оглед дека се работи за лице кое и претходно е осудувано за повеќе слични кривични дела. Исто така, постои и опасност осомничениот да му се заканува или да го нападне оштетениот во обид да го принуди да го смени исказот. За неговиот 21-годишен син, пак, предложени се мерки на претпазливост.


WebOhrid / 30.07.2022 / Основно јавно обвинителство Скопје