07/10/2024
Охрид

ТАВ и Виз ер најавуваат нова нискотарифна авиолинија од Охрид до Виена

Виз ер, најголемата ниско-буџетна авиокомпанија во Централна и Источна Европа и една од најбрзорастечките авиокомпании, и ТАВ Македонија, компанијата што управува со аеродромите во Скопје и во Охрид, најавија нова авиолинија од Охрид до популарната туристичка дестинација во Европа, Виена. Претстојната ниско-тарифна конекција ќе почне да сообраќа на 15 ноември годинава, три пати неделно, односно секој вторник, четврток и недела, со што се создаваат одлични можности за македонските туристи да откријат еден од европските културни центри со цени од само ЕУР 19.99 / МКД 1199. Авиобилет во една насока ги вклучува сите такси и неопционалните трошоци, вклучува и бесплатен рачен багаж со максимални димензии: 55x40x23cm.

Главниот град на Австрија ќе биде совршена дестинација за туристите што сакаат да ги откријат барокните улични пејзажи и грандиозните палати. Уметничките и музичките ремек-дела на Виена, заедно со кафетериите кои се посебен дел од културата на овој град, како и динамичните и живописни пејсажи, нудат огромен спектар на активности за сите посетители.

„Како авиокомпанија со своја база во Македонија, Виз ер секогаш се стреми кон проширување на својата мрежа и кон обезбедување на многу поприфатливи можности за патување што секогаш оди под рака со одличната услуга за време на летовите за уште повеќе клиенти. Денес ја најавуваме долгоочекуваната авиолинија до Виена од Охрид, која ќе почне да сообраќа на 15 ноември 2018 година и ќе биде одлична дестинација за одмор за нашите патници. Нашиот посветен тим со нетрпение очекува да им посака добредојде на новите и на постојните патници на која било од дестинациите што се достапни од Охрид!“ – изјави Сорина Рац, менаџер за корпоративни комуникации на Виз ер.

„Среќни сме што ја додаваме Виена како редовна дестинација од охридскиот аеродром, чија фреквенција ќе биде 3 лета неделно. Виена како дестинација ќе биде 4-та по ред авиолинија од Охрид што ќе сообраќа во текот на целата година, по Цирих, Базел и Лондон. Заедно со трите нови сезонски дестинации, најавени дека ќе се воведат во текот на претстојната летна сезона, сигурни сме дека ќе придонесе за значаен пораст на авиосообраќајот на охридскиот аеродром во текот на 2018 година.“ – изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.

Одговарајќи на побарувачката на своите клиенти и потрагата за создавање поприфатливи можности за патување, Виз ер и понатаму ја збогатува својата мрежа од Македонија, со што во 2018 година ќе понуди вкупно 30 авиолинии во 14 држави, достапни од двата македонски аеродрома што понатаму ќе придонесе за зголемување на дојдовниот и појдовниот туризам, како и за унапредување на бизнис-врските меѓу државите.

 Сите летови се реализираат со авиони од типот Ербас А320, со 180 седишта и Ербас А321 со 230 седишта.