25/04/2024
Македонија

Театар Комедија со „Дони Дарк“ одбележува 25 години кариера на Магдалена Ризова

Со изведба на романтичната комедија „Дони Дарк“, вечерва Театар Комедија свечено ќе ѝ посака добредојде во својот уметнички ансамбл на Магдалена Ризова, досегашна членка на ансамблот на МНТ, истовремено одбележувајќи го нејзиниот 25-годишен јубилеј како професионален актер…

 Магдалена Ризова во септември 2017 година, токму со претставата „Дони Дарк“, во режија на Роберт Ристов, ја започна  својата соработка со Театар Комедија, период кога се роди и идејата за нејзин постојан ангажман во овој театар.
 
Во текот на својата богата актерска кариера Ризова оствари повеќе позначајни улоги одиграни на сцената на МНТ како Коробочка во „Мртви души“ (Гогољ), Аце, Бабата и Евдокија во „Буре барут“ (Дејан Дуковски), насловната улога во „Мурлин Мурло“ (Николај Кољада), Јохана во „Баал“ (Брехт), Мими во „Грев или Шприцер“ (Сашко Насев), Даница во „Народен пратеник“ (Б. Нушиќ), Оливер во „Глембаеви“ (М. Крлежа), Андромаха во „Големиот смок“ (Митко Маџунков), Ангелина во „Лепа Ангелина“ (Блаже Ристески), Госпоѓата во „Слугинки“ (Жан Жене), Бопчински во „Ревизор“ (Гогољ), Хорацио во „Аферата Елсинор “Евгенија во „Болва во уво“ (Ж. Фејдо), Шарлота (1997) и Варија (2013) во „Вишновата Градина“  (Чехов), Љупка во „Оркестар Титаник“ (Христо Бојчев), итн.
 
Ризова е добитник на наградите: за најдобра епизодна улога на филмскиот фестивал во Лугано – Швајцарија (1991) за улогата на Марија во филмот „Вистина“; за најдобар млад актер на театарските игри „Војдан Чернодрински“ (1993) за улогата  на Мими во „Грев или Шприцер“; Награда за најдобра женска улога на фестивалот во Ливерпул – Англија (1994) за улогата Јохана во претставата „Баал“; Награда за најдобра женска улога на театарските игри „Војдан Чернодрински“ (1995) за улогата Коробочка во претставата „Мртви души“; Награда за најдобра претстава и најдобра женска главна улога на Балканот на Балканскиот фестивал во Софија, Бугарија (1998) за улогата Мурлин Мурло во истоимената претстава.