20/04/2024
Македонија

Телефонски разговор меѓу премиерот Заев и канцеларката Меркел

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев попладнево оствари телефонски разговор со канцеларката на Сојузна Република Германија, Ангела Меркел. 

Германската канцеларка, Меркел, даде поддршка на напорите на Владата и на општествено – политичката јавност во Македонија, за зајакнување на европските и атлантските перспективи на граѓаните на нашата држава. 

Канцеларката Меркел ја потврди поддршката на Германија за постигнатиот Договор меѓу Македонија и Грција, којшто го решава долгогодишниот спор, што беше главна пречка за членството на Република Македонија во ЕУ и во НАТО. Во таа насока заеднички е заклучено дека референдумот е врвен демократски чин и одраз на определбата на граѓаните за иднината на државата.

Претседателот на Владата, Заев ја информираше германската канцеларка Меркел за текот на подготовките за претстојниот референдум. 

– Владата е силно посветена на организирањето фер, демократски и транспарентни услови за реализација на демократското изјаснување на граѓаните, ѝ соопшти премиерот Заев на канцеларката Меркел.

Претседателот на Владата, Заев во телефонскиот разговор со германската канцеларка Меркел соопшти и дека Владата продолжува активно со реформските напори што одат во насока на исполнување на условите од заклучоците на Европскиот совет во јуни 2018 година, особено во делот на владеењето на правото, борбата против корупцијата и криминалот, како и реформите во јавната администрација и разузнавачките служби.

Премиерот Заев и канцеларката Меркел зборуваа и за конкретни чекори за зголемување на економската соработка меѓу двете држави.

Разговарано е и за други актуелни билатерални и регионални прашања.