06/11/2024
Охрид

Теренска документација, лоцирање и евиденција на преостанатите појаси на трска на територија на општина Охрид

Во периодoт од 15.09.2022 до 17.10.2022 година, Здружението за заштита и одржлив развој на животната средина – Регионален зелен центар Охрид спроведе теренска документација, лоцирање и евиденција на појасите на трска долж крајбрежјето на Охридското Езеро на потегот од с. Подмоље до Свети Наум, Охрид. Активноста е една од примарните во рамки на проектот „Мапирање и управување со трската во Охридското Езеро“.

Во периодот од 15.09.2022 до 17.10.2022 се спроведоа 12 денови теренско истражување. Во 8 од тие денови се спроведоа комбинирани теренски истражувања, од вода со пловен објект и од копно со теренско возило. Останатите 4 денови се спроведоа копнени теренски истражувања. Се изврши лоцирање и евиденција на сите појаси на трска долж крајбрежјето на Охридското Езеро на потегот од с. Подмоље до Св. Наум, се водеа дневни забелешки за моменталната состојба на секој од појасите (мерење на површината, дали појасите се проширени или намалени и сл.), се прибираше фото и видео материјал се со цел спроведување на идните предвидени активности и изработка на предвидената документација како финален продукт од овој проект. Голем придонест во оваа активност имаа членовите на РЗЦ Охрид, тимот за логистика од два волонтери од партнерската организација ИПО Крсте Јон- Струга и експерт од НУ Хидробиолошки Завод Охрид.

„Како долгогодишен сопственик на пловен објект и поединец засегнат од начинот на управување со трската, ми беше особено мило да придонесам во делот на комбинираните теренски истражувања. Вакви иницијативи сметам дека се од голема важност и треба почесто да се превземаат бидејќи на тој начин може да се пристапи кон навремено и правилно управување со ова наше природно наследство кое е од огромно значење за езерото“, изјави Трајче Каневчев.

Целта на овие теренски истражувања беше ажурирање на постоечките податоци од 2011 година за појасите на трска во Охридското Езеро на територија на Општина Охрид. Тоа е првиот чекор кон креирање на извештајот за моментална состојба на појасите на трска и предлог- иницијативата за промена на степенот на законска заштита, кои пак, се основата за понатамошна разработка на план за управување со ваков тип на природно наследство. Исто така, во текот на овој еден месец се прибираше фото и видео материјал кој послужи за изработка на продукти од едукативно- информативен карактер кои ќе бидат достапни за пошироката јавност.

Проектот Мапирање и управување со трската во Охридското Езеро на Здружението за заштита и одржлив развој на животната средина РЕГИОНАЛЕН ЗЕЛЕН ЦЕНТАР ОХРИД, се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).


WebOhrid / 02.11.2022 / Општина Охрид