25/04/2024
Охрид

Традиционална хуманитарна и спортско-рекреативна акција „За посреќно детство“

Во ритамот на спортот, забавата, хуманоста пулсираше Градскиот плоштад во Охрид денес при одвивањето на традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција која во организација на Црвен крст Охрид и во партнерство со Стоматолошка ординација Др. Баткоски по 10-ти пат се одржува во Охрид.

Акцијата започна со градска трка по улицата Македонски Просветители за да продолжи со натпревари во бројни спортски дисциплини: фудбал, баскет, бадминтон, шах, вртење хулахоп, топкање топка, скокање со јаже, пикадо, возење велосипед, ракомет. За забавата се погрижија најмладите од детските градинки во Охрид, распеаните Рибарчиња, а спортскиот дух во ритамот на музиката го одржуваше аеробик сесијата со инструктор од ИБ фитнес. На градскиот плоштад свое катче имаше и програмата на Црвен крст Охрид „Време е за книга-Children story hour“ и „Бреинобреин“.

Црвен крст Охрид, Стоматолошкиот центар Др. Баткоски и помагателите на оваа акција се погрижија за бројни награди за сите победници во спортските натпревари, но и за сите учесници на овој настан. Посебна атракција беше Magic Mirror каде посетителите се сликаа во необични позиции. Сите фотографии ќе бидат објавени на facebook страната на Црвен крст Охрид и Др. Баткоски каде посетителите на овие страници со лајкување ќе ги изберат трите „најлуди“ фотографии, кои ќе бидат наградени од Стоматолошкиот центар Др.Баткоски.

Сите оние кои купиле учеснички број учествуваат во големата наградна игра со преку 50 вредни награди кои ќе бидат извлекувани во втората половина на месец октомври. Оние кои немаат учеснички број, истиот можат да го купат во просториите на Црвен крст Охрид најдоцна до 20.10.2018.

Црвен крст Охрид изразува благодарност до партнерот и сите помагатели и поддржувачи на хуманитарната спортско-рекреативна акција „За посреќно детство“.