29/03/2024
Македонија

Традиционално, со ЕУ појадок, СЕП го одбележа Денот на Европа. Османи: подготвени сме за одлука за почеток на преговори во јуни

По повод 9 мај, Денот на Европа, Секретаријатот за Европски прашања, денес, во просториите на Клубот на пратеници, го организираше традиционалниот ЕУ појадок. На настанот, покрај домаќините, присуствува амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Македонија, поранешните вицепремиери за европски прашања, како и други претставници на странските претставништва во Македонија.

Заменик Претседателот на Владата, задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во својот поздравен говор, направи мала ретроспектива на долгиот пат на евроатлантските интеграции на Република Македонија, посочувајќи ја притоа одлучноста на земјата да го затвори овој процес час поскоро.

„Ако ја земеме предвид нашата заедничка историја, заедничка географија, и најважно, нашите заеднички вредности и заеднички стратешки интереси, во политичка и економска смисла, заклучокот е едноставен: Ние веќе сме важен дел од Европа“, ќе изјави Османи во своето обраќање.

Во продолжение, вицепремиерот Османи укажа на предизвиците со кои се соочи државата изминатиот период, кои кулминираа со политичката криза и кои се закануваа да ја втурнат земјата во погрешна насока. „Тоа е јасен доказ дека предолгото држење на земјата на чекање пред портите на ЕУ и НАТО е ризик од создавање недостаток на демократски кислород за народот“, истакна Османи.

На крајот, Османи, посочувајќи го напредокот кој државава го оствари изминатиов период, ги образложи пред амбасадорите и бројните причините зошто Македонија треба да добие поддршка во своите евроатлански аспирации, повикувајќи ги притоа амбасадорите на земјите членки да ги пренесат овие пораки онаму каде се носат одлуките, во нивните главни градови.

„На состанокот на Советот во јуни, нашето очекување е официјално да слушнеме датум за почеток на пристапните преговори, потврден од Европскиот совет. Ве уверувам дека Владата и администрацијата се подготвени да се справат со предизвиците на преговарачкиот процес“ – изјави Османи.

На настанот, традиционално, свое пригодно обраќање имаше и Амбасадорот на Европска Унија во Република Македонија, Самуел Жбогар.