29/03/2024
Македонија

Транскрипт од изјавите на МНР Димитров и Метју Нимиц, личен пратеник на генералниот секретар на ОН

На 30.3.2018 во Виена, Република Австрија се одржа средба помеѓу Метју Нимиц, личен пратеник на Генералниот секретар на Обединетите нации со министрите за надворешни работи на Република Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас. Во продолжение е интегрален транскрипт од изјавите на Метју Нимиц и МНР Димитров дадени после средбата.

Метју Нимиц, Личен пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации: Ви благодарам. Најпрво дозволете ми да упатам благодарност до Австриското МНР за нивното гостопримство. Како што знаете, ова беше еден од серијата состаноци што треба да помогнат да се разреши тнр. „прашање за името“. Можам да кажам дека целодневниот состанок беше продуктивен, што ме прави оптимист за иднината. Паралелно со нашиот состанок, дипломати и експерти од двете земји работеа на дел од контроверзните аспекти на договорот, особено фокусирани на идниот однос меѓу двете држави, кадешто, исто така, е забележан напредок. Серијата состаноци ќе продолжи и во иднина, трасиравме пат за работа и можам да кажам дека – без да откривам детали – ги адресиравме тешките прашања. Престојат уште тешки прашања за решавање, но според мое мислење, како ангажиран во процесот подолго време, постои позитивно чувство. Двајцата министри беа фокусирани врз долгорочните односи, стабилноста на регионот, важноста за добри билатерални односи и сите се надеваме дека можеме да продолжиме да работиме на позитивен начин.

Никола Димитров, Министер за надворешни работи на Република Македонија: Разговаравме за сите отворени прашања, за целиот пакет. Можам да кажам дека направивме условен прогрес, условен напредок, бидејќи како одиме напред така доаѓаме и до тешките прашања и мислам дека и од нашата страна и од нивната страна имаме доста за размислување и за мерење. Работевме по логиката што е тоа што е најважно за Република Грција, што е тоа што е најважно за Република Македонија и дали можеме во компромисот кон којшто се движиме да ги покриеме двете работи. Меѓутоа, не зачудува што колку поотворено, поконкретно чекориме кон решение, така и тешкотиите излегуваат се’ повеќе на виделина.