28/03/2024
Македонија

Трет неформален регионален состанок на директорите на Царинските управи од Западен Балкан

Во период 28-29.01.2019 година, директорот на Царинската управа на Република Македонија учествуваше на третиот неформален регионален Состанок на директорите на Царинските управи од Западен Балкан, што се одржа во Подгорица, Црна Гора.

На состанокот, кој е продолжение на вториот неформален регионален состанок, што се одржа во Република Албанија во јуни  2018 година, присуствуваа претставници на Царинските управи на Македонија, Црна Гора, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и меѓународни институции и организации.

За време на состанокот презентирани и прифатени беа Заклучоците донесени на неформален регионален состанок, организиран на ниво на директори на секторите за царински контроли и истраги на Царинските управи од Западен Балкан. На овој состанок  што се одржа во октомври 2018 година во Велес, Република Македонија главна тема на дискусија беа законските аспекти за дефинирање на рамка за безбедна размена на информации според усогласени стандарди и методи.

Покрај прифаќањето на Заклучоците од состанокот во Велес, во Подгорица се дискутираше и за подготовка на заеднички пристап на Царинските служби од регионот со цел олеснување на трговијата, унапредување на царинските постапки и економската соработка во Западен Балкан.