14/10/2024
ИнтервјуОхрид

Трифуноски: На 29-ти не очекува добра журка и супер забава

Тој е човекот зад клавијатурите во групата „Камелеон“, бендот кој полни 20 години е нераскинлив дел од животот во Охрид. Бендот се подготува за големиот концерт, кој ќе се одржи на 29-ти декември и ќе ги заокружи првите 20 години од постоењето.

Петар Трифуноски ни зборува за љубовта кон музиката, за годините поминати во бендот, и најавува добра забава на нивниот концерт на кој ќе ги свират на едно место нивните песни, малку подзаборавените и тие што почесто ги изведуваат на настапите.

WebOhrid: 20 години се долг период. Ако Камелеон беше човек, веќе ќе беше во средно училиште и во „најлудите години“. Како поминаа за Вас годиниве, како дел од приказната наречена „Камелеон“?

Трифуноски: Од тие 20 години, добри 18 години сум во бендот, значи, баш полнолетство. „Лудите“ години поминаа помалку или повеќе, лудо, во смисла, ноќни патувања по другите градови, непроспиени ноќи, бидејќи покрај свирките, сите работиме и по нешто друго, па често сме биле принудени од работа да одиме на свирка во друг град, па после свирката да одиме директно на работа и тоа така со денови, што само по себе е напорно. Настапи на фестивали, работа во студио, гостувања по емисии, неколку видео записи и така натака.

WebOhrid: Петар е човекот кој е зад клавијатурите во бендот. Ја имавте ли стандардната приказна – започнавте со хармоника, клавир или? Како започна дружбата со клавијатурите?

Трифуноски: Да, хармоника, но иако не потекнувам од музичко семејство, по дома секогаш имало и по некоја флејта, гитара, вибрафон, усна хармоника, а мојата прва средба со синтисајзер беше на мои 13-14 години. Ех, уште го чувам тоа CASIO!

WebOhrid: Кои се омилените музичари од кои црпите инспирација?

Трифуноски: Не би можел точно да одредам кои групи или музичари, па дури ни некој правец во музиката ми се омилени. Ако е клише она, слушам секаква музика или слушам се` што е добро, нека биде така. А, инспирација може да се добие проследувајќи некој добар концерт, на пример. Не случајно, некои светски групи или изведувачи, се толку популарни или познати. Има некоја енергија и магија која ја даваат и споделуваат со публиката.

WebOhrid: Студиската работа е макотрпна, се снима преснимува. Живите настапи се она каде се гледа кој е кој во музиката. Преферирате живи свирки и колку ја користите технологијата во настапите?

Трифуноски: Да, живи свирки. Инаку, самиот факт што свирам клавијатури, подразбира дека технологијата зазема место во музиката која ја изведуваме, но ништо од тоа не е претерано или префорсирано. Тоа важи и за гитарите, тапаните па и вокалите. Нема тука претерано гитарски ефекти, ритам машини или вокализери. Не во нашиот бенд.

WebOhrid: Кој е Петар приватно, кажете ни нешто повеќе за себе?

Трифуноски: Покрај тоа што свирам клавијатури во групата „Камелеон“, сум имал соработка и со други бендови или музичари, пред да станам постојан член во „Камелеон“ и паралелно потоа. Дури и со повеќе стилови на музика, а од попознатите имиња во градов, еден период работевме и со Вили, со кој имавме и соработка околу песни на неговиот фестивал „Канео Фест“, за аранжмани и слично, па дури и награда на Трубадурите за „Стаклени Солзи“. На фестивалот „Рибарче“ имам работено на неколку песни пред повеќе од 15 години. Добра соработка имам и со пејачот Микеле. Инаку, оженет сум, имам две деца и вработен сум во „Кореа-Ауто Трејд“.

WebOhrid: Годиниве наназад низ групата поминаа многу луѓе. Што според Вас е она што ве спојува?

Трифуноски: Прво, љубовта кон музиката. Без тоа, ништо. Функционираме така, и добро е засега. Има многу музичари, секој може без секого, но нешто што е успешно, не треба да се растура.

WebOhrid: Да ги повикаме охриѓани, но и гостите на концертот кој ќе се одржи на 29-ти декември. Што можат да очекуваат посетителите?

Трифуноски: Во секој случај, добра забава. Ќе ги отсвириме на едно место нашите песни, малку подзаборавените и тие што почесто ги изведуваме на нашите настапи. Имаме повеќе гости, меѓу кои Ѓоко Танески и Жармена, со кои имаме дуети. Ќе не дружат и други музичари,  но не би ги откривал сега сите, нека остане нешто и како мало изненадување. На сите посетители им посакувам добра журка, добра забава и секако, многу здравје, успех и љубов во Новата година што претстои.

На сцената на Домот на култура „Григор Прличев“ во Охрид, во сабота, на 29-ти декември, точно во 19:00 часот е закажан стартот на музичката приказна за 20-те години од постоењето на групата „Камелеон“.

Членови на бендот се Драган Василески, Тони Јованоски, Роберт Милески, Петар Трифуноски и Филип Стојковски. Низ годините и бројни други музичари имале добра соработка со бендот или биле негови членови и со тоа оставиле свој печат. За повеќето песни на бендот, текстот и музиката ги напиша гитаристот Роберт Милески.

Билетите по цена од 250 денари ќе се продаваат во сите „Тамаро“ маркети во Охрид и Струга, музичката продавница ZZ Top и тезга „Аждер“ во центарот на градот.