29/03/2024
Македонија

Тунтев: Поднесовме амандмани со кои ќе се унапреди позицијата на јазиците на помалите етнички заедници

Изјава за медиуми, Томислав Тунтев, координатор на пратеничка група на СДСМ и коалицијата

Почитувани,

Пратеничката група на СДСМ и коалицијата поднесе четири амандмани на предлог – Законот за јазици, кои што ќе значат унапредување на правата на етничките заедници во земјата.

За нас исклучително важно заеднички да дојдеме до законски решение кое навистина ќе биде во интерес на сите граѓани во оваа држава и во таа насока се и нашите предлози.

Со амандманските решенија се унапредува позицијата на помалите етнички заедници кои што се наведени во Преамбулата на Уставот, со што ќе се овозможи и овие заедници да остваруваат одредени права предвидени во предложеното законско решение.

Истовремено предлагаме намалување на висината на казните што беа наменети за институциите кои што нема да го почитуваат овој закон. Според нашиот предлог, казните од четири илјади до пет илјади евра се намалуваат на една до две илјади евра.

Потоа ја допрецизираме регулативата при водењето на седниците во Собрание и во Влада.

Ние како пратеници сме задоволни што за предложените амандмански решенија добивме поддршка и од нашиот коалициски партнер ДУИ. Наша заедничка цел е да дојдеме до квалитетно решение кое што и практично ќе биде применливо.

Сепак интенцијата да дојдеме до навистина квалитетно решение не застанува тука. Владата не информираше дека постои заклучок Министерството за правда преку МНР да побара мислење од Венецијанската комисија за целиот текст на законот по неговото усвојување, како и за отворените прашања кои не се дел од овој закон, а веќе се доставени на мислење до Венецијанската комисија.

Коалициските партнери јавно презедоа обврска дека ќе го почитуваат мислењето на Венецијанската комисија и, во случај на забелешки, истите ќе ги вградат во законот. Ова беше побарано од страна на Хан уште кон крајот на јуни 2017 година и стана цврста позиција на Европската унија.

Оттука, процесот за унапредување и подобрување на законското решение не завршува со овие четири амандмани, туку и понатаму, преку целосно имплементирање на препораките од Венецијанската комисија, ќе се работи на тоа да дојдеме до решение кое навистина ќе биде квалитетно и практично применливо.

https://www.youtube.com/watch?v=ip0AEx0riGs