28/03/2024
Интервју

Тунтев: Загубите од Ковид-19 се евидентни, авиосообраќајот ќе ги достигне минатогодишните бројки во 2023 година (видео)

Двата аеродроми во земјава можеа да го дочекаат 3 милионитиот патник до крајот на годинава да не беше пандемијата на ковид-19. Евидентна е финансиската загуба во сите сегменти од авиоиндустријата, а предвидувањата на Агенцијата за цивилно воздухопловство се дека нивниот годишен буџет до крајот на годинава ќе биде преполовен поради корона кризата. До крајот на 2023 година воздушниот сообраќај во земјава можеби ќе закрепне за да ги достигне бројките коишто беа постигнати минатата година. Ова во интервјуто за „Мета.мк“ го вели директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Томислав Тунтев.

Низ разговорот, Тунтев зборува за актуелното намалување на бројот на превезени патници од македонските аеродроми во време на корона кризата, како и за потребата од координиран пристап меѓу земјите при воведувањето на мерки за заштита од ковид-19. Во интервјуто разговаравме и за зимскиот ред на летање на двата аеродрома, којшто по правило стапува на сила на крајот од октомври.

Актуелните податоци на Државниот завод за статистика за месечниот број на патници превезени од македонските аеродроми покажуваат намалување од над 1,2 милиони патници во периодот јануари-август 2020 година во споредба со идентичниот период лани. Какви се вашите очекувања во однос на бројот на превезени патници што би ги оствариле македонските аеродроми во текот на 2020 година?

Во овој момент, остварувањето на физичкиот обем на сообраќај на македонските аеродроми е околу 43 проценти од она што значи истиот период минатата година. Што се однесува до бројот на патниците, тоа намалување е уште поголемо. Сега бројот на патниците е на ниво на околу 32 проценти, што значи за првите осум месеци годинава визави минатата година намалувањето е околу 68 проценти. Сепак, не треба да го заборавиме фактот дека во овој период од првите осум месеци од 2020 година влегуваат и оние три и пол месеци каде што аеродромите беа целосно затворени за сообраќај, односно каде што се одвиваше исклучиво карго сообраќај, државни воздухоплови оперираа, медицински воздухоплови, воени воздухоплови и летовите за патријација на нашите сограѓани од останатите држави.

Имајќи ги во предвид прогнозите на „Еуроконтрол“ и останатите релевантни меѓународни воздухопловни организации дека сообраќајот ќе стагнира до крајот на годината и почетокот на наредната година, јас очекувам дека бројот на полетувања и слетувања на македонските аеродроми до крајот на годината ќе се движи некаде околу 45 проценти во однос на остварениот број 2019-та година, додека бројот на патниците ќе биде некаде околу една третина од она што минатата година беше остварено во смисол пристигнати и заминати патници.

После долгогодишниот пораст на бројот на патници, авиосообраќајот во земјава годинава доживеа остар пад поради корона кризата. Имате ли конкретни бројки за тоа какви се финансиските штети за воздухопловниот превоз во нашата земја предизвикани од корона вирусот?

Конкретно за бројките што се однесува до финансиските штети, допрва ќе се сумираат на годишно ниво, меѓутоа она што е непобитен факт е дека Меѓународната асоцијација на воздушни превозници предвидува дека на светско ниво воздушните превозници ќе претрпат загуби поради корона пандемијата од над 370 милијарди евра. На европско ниво пресликано тоа ќе значи некаде околу 20 милијарди евра и не се само финансиските загуби, туку е и загубата на голем број работни места, посебно на најголемите европски и светски воздушни превозници.

Што се однесува до Македонија, евидентна ќе биде финансиската загуба на сите сегменти во авиоиндустријата, значи тоа пред сè мислам и на аеродромскиот оператор, и на давателот на навигациски услуги, затоа што и бројот на прелети е на ниво на 45 проценти во однос на минатогодишните, очекувам тој број да се задржи до крајот на годината, а секако и тоа се однесува и за Агенцијата за цивилно воздухопловство. Еве сега предвидуваме дека до крајот на годината, нашиот годишен буџет ќе биде преполовен. Значи, тоа се многу тешки финансиски ситуации и единствената надеж е дека сообраќајот на почетокот на следната година ќе почне да закрепнува со побрзо темпо отколку што досега се очекуваше дека тоа ќе биде направено.

Почнувајќи од зимскиот ред на летање, авиокомпаниите најавија драстично намалување на бројот на дестинации што ќе бидат опслужувани од аеродромите во Скопје и Охрид. Би можеле ли подетално да објасните кои дестинации нема да се одржуваат до крајот на март и дали има некакви најави од авиокомпаниите кога би ги воспоставиле повторно авио летовите што се одвиваа до почетокот на ковид кризата?

Моментално, на скопскиот аеродром, од 13-14 превозници кои оперираа редовно, оперираат осум меѓународни воздушни превозници. Бројот на дестинации со кои е поврзан Скопје од оние вообичаени 40-ина сведен е на 20-ина. Со зимскиот ред на летање од превозниците кои оперираа минатата година, четири веќе ги откажаа операциите. Тоа се „Катар ервејс“, „ФлајДубаи“, „Ејџиан ерлајнс“ и полски „ЛОТ“, а останатите го најавија зимскиот ред на летање, меѓутоа со редуцирана фреквенција и со редуциран број на дестинации.

Кај охридскиот аеродром е уште полоша ситуацијата, затоа што од тие 12-13 превозници кои оперираа во текот на сезоната летниот период, нормално во текот на зимската сезона се сведуваше на четири, пет или шест превозници, сега веќе еден или два превозници имаат операции на охридскиот аеродром, така што очигледно е дека ќе продолжи трендот на стагнација на физичкиот обем на сообраќај, односно помали бројки во однос на минатата година.

Сепак, оперирањето на превозниците е политика на самите превозници. Доколку работите тргнат во позитивна насока, доколку се средат системските работи во воздушниот сообраќај на глобално ниво, тогаш можно е превозниците да најават и дополнителен број на летови на македонските аеродроми, затоа што всушност побарувачката ја диктира и понудата. Така што, имајќи го во предвид тоа што се случуваше на глобално ниво во Кина во домашниот воздушен превоз пред сè, влева надеж дека можно е во текот на 2021 година, се разбира доколку повторно велам, се средат работите околу пандемијата, во смисол на вакцини, поголем број на оздравени, поголем број на патници кои ќе сакаат да ги користат услугите на воздушниот сообраќај, дека воздушниот сообраќај ќе закрепнува со едно ниво, така што до крајот, ајде да речеме, на 2023 година можеби ќе дојде на ниво на коешто беше минатата година.

Голем број од европските земји ги ублажија рестрикциите за влез и излез на патници од нивните граници во летниот период, но поради непочитувањето на мерките за заштита од ширење на корона вирусот во земјава имавме голем број на активни случаи. Можно ли е да се пресмета колкава штета е направена во летниот период во авиосообраќајот и туризмот како последица на непочитувањето на мерките на граѓаните за заштита од ковид-19?

Јас помалите бројки во воздушниот сообраќај не би ги поврзал со дисциплината или недисциплината на луѓето во Македонија во однос на заштитните мерки. Пред сè, најголемо негативно влијание во однос на воздушниот сообраќај имаат едностраните мерки на државите. Значи, воздушниот сообраќај не трпи национални прописи. Тоа се меѓународни, интернационални прописи, всушност и секој лет, значи прелетување на една, две, три, четири, пет држави, и слетување на територија на странски држави. И секое еднострано применување на забрани, карантини, изолации, ПЦР тестови итн. придонесува за несигурноста на патниците да се одлучат да го користат воздушниот сообраќај. Затоа што едно време Италија вовела мерки, Шпанија вовела мерки, Велика Британија сопствени мерки, значи немаше координиран пристап.

Меѓународните воздухопловни организации инсистираа на координиран пристап. И првата прогноза за закрепнувањето на воздушниот сообраќај која ја направи „Еуроконтрол“ и која излезе на крајот на април, всушност имаше две варијанти – координиран пристап на државите и некоординиран. И се потврди тоа дека некоординираниот пристап, односно едностраните мерки на владите во државите, пред сè на Европска Унија, а и пошироко во регионот, значат големо негативно влијание врз воздушниот сообраќај. Така што, пред сè, верувам дека координираниот пристап ќе има поголемо влијание врз побрзото закрепнување во воздушниот сообраќај.

Минатогодишните проценки на ТАВ Македонија пред појавата на ковид-19 беа дека аеродромите во земјава би го пречекале 3 милионитиот патник веќе во 2022 година. Колкав период сметате дека ќе биде потребен за авиосообраќајот да го достигне минатогодишниот рекорден број на патници во земјава и кога сметате дека би можеле да ја достигнеме ваквата бројка од 3 милиони патници?

На почетокот на оваа година, јас верував дека 3 милионитиот патник на македонските аеродроми ќе го дочекаме во декември оваа година. Значи, ако ги имате во предвид движењето на статистичките податоци, односно физичкиот обем на сообраќај во последните четири-пет години, можете да видите дека посебно од 2015 година наваму, бројот на патници кои се заминати и пристигнати на македонските аеродроми расте годишно за околу 300.000. Имајќи во предвид дека во 2019 година беа отпремени и прифатени околу 2.670.000 патници, не беше тешко да се предвиди дека тој број може да достигне 3 милиони до крајот на 2020 година.

Покрај тие бројки, најавите кои ги имавме за одвивањето на воздушен сообраќај и на охридскиот и на скопскиот аеродром, даваа надеж дека таа бројка ќе биде достигната, затоа што туризмот доживеа посебен развој во однос на воздушниот сообраќај во Македонија, а од друга страна, најавата за нови превозници, нови нискобуџетни превозници и нови дестинации, ни даваа за право да очекуваме истиот оној пораст од околу 300.000-320/330.000 патници да се случи и во 2020 година. Значи, 3 милионитиот патник можеше да биде реалност за македонските аеродроми во оваа, 2020-та година, нормално, да не се случеше глобалната пандемија.

Имајќи ги во предвид прогнозите за закрепнувањето во воздушниот сообраќај, имајќи ги во предвид прогнозите и на глобално и на регионално ниво, јас очекувам дека физичкиот обем на сообраќај би можел најрано кон крајот на 2023 година да дојде на ниво кое беше минатата година. Се разбира, сето тоа под претпоставка дека ќе има координиран пристап на државите, посебно во Европската Унија, во однос на мерките за заштита и дека во сферата на здравствената заштита на глобално ниво ќе се случуваат работи кои ќе значат дека патниците ќе можат помирни, покомфорни, поопуштени да ги користат услугите во воздушниот сообраќај.

извор: мета.мк