19/04/2024
Македонија

Турската агенција ТИКА донираше вредна техничка опрема на Националниот конзерваторски центар

Денеска во Националниот конзерваторски центар (НКЦ) се одржа прес-конференција на која пред медиумите, а во присуство на министерот за култура Роберт Алаѓозовски, беше потпишан договор со кој турската владина организација ТИКА ѝ донира техничка опрема на оваа национална установа од областа на културата во Македонија …

Министерот Алаѓозовски се заблагодари на Република Турција и на ТИКА кои го помагаат развојот на земјава во повеќе области, а особено во доменот на заштитата на културното наследство.

„Со оваа донација, нашиот Национален конзерваторски центар ќе ги зајакне своите капацитети за да може поуспешно да ја остварува својата улога во оваа важна област, која е еден од главните приоритети на нашите културни политики. Наследивме многу проблеми и финансиски обврски, погрешни приоритети, а добивме многу барања во програмата за инвестиции.

За жал, не сме моќни да одговориме на сите, и во приоритетите за инвестиции имаме потреба од базично одржување на објектите. Затоа оваа помош во компјутери и техничка опрема ни е од голема важност“, истакна министерот Алаѓозовски. Тој ја искажа својата увереност дека пријателските врски со Република Турција и со ТИКА во иднина уште повеќе ќе се зацврстуваат.

На прес-конференцијата говореше директорот на НКЦ, Мемет Селмани, кој искажа огромна благодарност за долгогодишната поддршка што Националниот конзерваторски центар ја има од ТИКА, која е стратешки партнер за унапредување на работата на Центарот.

Координаторот на ТИКА за Република Македонија, Ајтекин Ајден, искрено му се заблагодари на министерот Алаѓозовски кој, како што рече, има нескриена поддршка во реализацијата на програмите на ТИКА кои се од областа на културата.
Господинот Ајден и министерот Алаѓозовски истакнаа дека турската владина организација и Министерството за култура на Република Македонија се на иста линија околу приоритетите во заштитата на културното наследство како базична културна вредност, и ја искажаа потребата од посветеност кон конзервацијата и успешно претставување на културното наследство идните генерации.