23/04/2024
Македонија

Учество на МНР Димитров на четирипартитната средба на Министри за надворешни работи во Солун

МНР Никола Димитров, на покана на својот грчки колега, МНР Никос Коѕијас, на 3 и 4 мај 2018 година, во Солун, учествуваше на третата по ред четирипартитна средба на Министрите за надворешни работи на Република Македонија, Грција, Република Албанија и Република Бугарија.

На средбата, покрај Министрите за надворешни работи учествуваа и министри и високи претставници од Министерствата за внатрешни работи и за транспорт и врски, од четирите земји.

Во дискусијата, Министрите за надворешни работи се осврнаа на предизвиците за регионот на Југоисточна Европа, од состојбите на Блискиот Исток и Источниот Медитеран, последиците од движењето на бегалците/мигрантите кон Балканот, иднината на Европа и интеграцијата на земјите од З. Балкан во ЕУ.

Претставниците од Министерствата за внатрешни работи и транспорт, дискутираа по прашања од областа на прекуграничната соработка, вклучително полициската, царинската и цивилната заштита, како и меѓусебното поврзување и транспортното умрежување во регионот.

На состанокот на Министрите за надворешни работи од земјите учеснички, беа донесени заклучоци за понатамошни конкретни иницијативи и за практичната соработка во повеќе области од заемен интерес, како што се интерконективноста, високото образование и европските и евро-атлантските интегративни процеси.

На маргините на состанокот министерот Димитров имаше одвоена билатерална средба со министерот Коѕијас, на која продолжија разговорите за надминување на разликата околу името.

Воедно, МНР Димитров имаше работен доручек со бугарскиот заменик претседател на влада и министер за надворешни работи, Екатерина Захариева, на кој, меѓу другото, дискутираа и околу напорите за започнување на пристапните преговори со ЕУ по чистата препорака од ЕК и за имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.