28/03/2024
Македонија

Учество на најголемиот танцов натпревар во Источна Европа – Dance Fest Novi Sad 2017

Викендов во Нови Сад се одржа 9-тото издание на меѓународниот танцов натпревар Dance Fest Novi Sad 2017, кој дефинитивно оваа година може да се нарече еден од најголемите танцови натпреварувања во Европа, но и најголем во Источна Европа. Вкупно во конкуренција беа 632 кореографии или повеќе од 3500 танчери од цела Европа, а ова година дури и претставници од Јужна Африка.

На овој натпревар се натпреваруваа и членовите на студиото за танци „Соната“, кое работи во рамки на Младинскиот Културно Образовен Центар Соната од Охрид. Со вкупно 39 натпреварувачи, односно 5 кореографии, охриѓани блеснаа на подиумот во Нови Сад и тоа во две старосни категории (деца и јуниори). Како и изминатите години така и оваа година „Соната“ успеа да се искачи на пиедесталот, а овојпат да го освои првото место во категоријата Hip Hop Solo Kids и тоа благодарение на извонредниот настап на 10 годишниот Маркус Голев Мабуа.

Забележителен беше и настапот на останатите групи во неверојатно голема и тешка конкуренција. Екипата Fuzion за само 0,4 поени не се искачи на третото место, хипхоперите во групна конкуренција беа 9-ти, а латино танчерите во категоријата Open го освоија 10-тото место. Во исто време, пак, Михаил Талев учествуваше на најголемиот балкански хип хоп настан – Битрикс танцовата лига во Скопје, каде стигна до финалето и го освои второто место (освои ист број на поени со противникот танчер, но загуби поради послабиот пласман на битмејкерот).

„Со сите постигнати и потврдени успеси до сега, апелираме до компаниите и поединците кои можат да ни помогнат во постигнување на уште поголеми успеси и искрено се надеваме дека нема никогаш повеќе да ни се случи да ја испуштиме шансата да го претставуваме градот, но и државата, како што ни се случи да ја испуштиме можноста да учествуваме на Dance Gran Prix Europe во Шпанија овој јуни.

Голема благодарност до Mega Production кои ги овековечија моментите за кои членовите на „Соната“ уште долго ќе раскажуваат и компанијата „Галеб“ за песпрекорната удобност и сигурност. Најголема благодарност до родителите за поддршката која ја добиваме и секако сите членови кои достојно го претставија Охрид и Македонија. Горди сме што можеме да создаваме уметност во едно такво семејство!“- велат од Студиото за танци„Соната“.

Линк од видеото со преглед на настапите во Нови Сад: https://youtu.be/p5wUKpbqI1k