Угостителите да се воздржат од отворање на објектите, до нова одлука

Претседателката на Инспекцискиот Совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска на денешната редовна прес-конференција информираше за инспекциските надзори направени од страна на шест инспекторати во периодот од 4 до 11 мај годинава, а кои се однесуваат на мерките и препораките за заштита од КОВИД-19.

„Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот трудов инспекторат, Државниот инспекторат за транспорт, Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за лекови и медицински средства реализираа вкупно 3.690 вонредни инспекциски надзори. Клучна улога во контролата на спроведувањето на сите мерки донесени од Владата имаат инспекциските служби кои секојдневно одговорно и професионално го следат почитувањето на мерките од страна на правните лица и граѓаните“, рече Филиповска-Грашкоска.

При тоа, инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, и во овој период беа особено активни, при што се реализирани 2.221 контрола, во трговски објекти на големо и мало во кои спаѓаат и угостителски објекти, аптеки, бензински станици, банки и пошти. Директорот на државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски апелираше до угостителите да продолжат да се придржуваат на одлуката на Владата и да не ги отвораат угостителските објекти бидејќи забраната за нивно работење се уште е на сила.

„Државниот пазарен инспекторат постапува исклучиво по одлуките коишто ги донела Владата. Согласно ова укажуваме дека се до моментот додека Владата не донесе нова Одлука, Државниот пазарен инспекторат ќе постапува и се што ќе констатира како неправилност ќе санкционира. Мора да напоменеме дека многу објекти се осмелија дури и во полициски час да отвораат и притоа се собираат граѓани. Во вакви случаи постапивме изминатите два дена во Тетово, Врапчиште и во Гостивар“, подвлече Пауновски.

Државниот пазарен инспекторат постапуваше по утврдените неправилности и при тоа се затворени вкупно 5 угостителски објекти во Кичево, Охрид, Тетово и Струмица, а за објектите во Охрид и Струмица ќе следуваат и кривични пријави.

Воедно се евидентирани 5 прекршока за непочитување на замрзнати цени или несоработка при надзорот, во повеќе населени места и се запечатени 3 кафемати во Штип. При контролите извршени во Виница, Кочани, Пробиштип, Делчево. Ресен, Прилеп, Кичево и во Скопје евидентирани се 18 прекршока за непочитување на одлуката за лична заштита и еден прекршок по одлука за ред и дисциплина пред и во трговските објекти.

Претседателката Филиповска-Грашкоска истакна дека Државниот инспекторат за труд, во горенаведениот период го зголеми обемот на активностите, при што реализираше вкупно 819 контроли кај работодавачи, по планиран распоред или по доставена пријава од граѓани. За периодот од 4 до 11 мај од страна на овој инспекторат донесени се 11 решенија и 39 укажувања за работодавачите кои не постапиле по препораките на Владата.

„Постапувајќи по препораката за платено отсуство на родител на дете до 10 години, самохран родител, бремени жени и хронички болни, трудовиот инспекторат констатира дека поголемиот дел од работодавачите ги почитуваат препораки за заштита на вработените од КОВИД-19, при што кај одреден број на работодавачи е евидентирано дека има работници кои работат и од дома“, нагласи Филиповска-Грашкоска.

Агенцијата за храна и ветеринарство во периодот од овие седум дена спроведе вкупно 214 надзори во повеќе градови низ државата во маркети, угостителски објекти, месарници, производствени објекти, зелени пазари.

„При тоа е издаден еден прекршочен платен налог заради промет со небезбедни производи, изречени се вкупно 5 решенија заради неспроведување на контрола на штетници и заштита од нив, неводење на записи или лоши хигиенски услови како и вкупно 12 казнени мерки едукации поради непримена на заштитни мерки против корона вирус, неводење евиденции за добра хигиенска пракса и неправилно означување на производите“, посочи Филиповска-Грашкоска.

Државниот инспекторат за транспорт во периодот од 4 до 11 мај направи вкупно 183 надзори. При тоа констатира дека меѓуопштинскиот сообраќај е речиси целосно редуциран, односно неговиот интензитет е намален за околу 95% и продолжува да се редуцира. Во целосен прекин се меѓуградските линии од Скопје кон Охрид, Битола, Ресен, Прилеп, Пробиштип, Кратово, Крива Паланка, Кочани, Берово и обратно.

Меѓуопштинскиот линиски превоз на патници на релација Скопје – Куманово и обратно и Скопје -Тетово и обратно исто така е во целосен прекин по одлука на Влада на Република Северна Македонија.

„Меѓународниот линиски превоз од почетокот на вонредната состојба и воведувањето на рестриктивните мерки е во целосен прекин и нема постојан престој на граничните премини. Од направените контроли на автобуските станици во неколку градови низ државата е утврдено дека се почитува владината одлука за 50% намален капацитет, односно за преполовен број на патници. Воедно, констатирано е дека товарниот сообраќај се одвива без ограничувања и се почитуваат препораките“, рече Филиповска-Грашкоска.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат, спроведе вкупно 184 надзори во субјекти во нивна надлежност, односно во приватни и јавни здравствени установи, домови за стари лица и други правни субјекти во нивна надлежност, а во врска со почитување на протоколите за заштита на медицинскиот персонал за прием и постапување со инфицирани пациенти од коронавирусот КОВИД-19.

„Исто така, во овој период издадени се 396 дозволи на транспортери професионални возачи, со кои се обезбедува непречено спроведување на транспортот во услови на епидемија од коронавирус“, потенцираше Филиповска-Грашкоска.

Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД во периодот од овие пет дена изврши вкупно 69 контроли. При тоа е констатирано дека нема специфични отстапувања. Инспекторите на МАЛМЕД продолжуваат да ја следат состојбата секојдневно на терен и ги повикуваме граѓаните и сами да пријават неправилности доколку наидат на невообичаени практики.