28/03/2024
Македонија

„Уметност за сите“: Промовиран едукативен ликовен проект за деца и млади со посебни потреби

На прес-конференција одржана денес во Чифте амамот на Националната галерија на Македонија се промовираше ликовно едукативниот проектот „Уметност за сите“, наменет за деца од најрана училишна возраст до завршување на средно образование. Министерот Алаѓозовски изрази благодарност до Кралството Холандија за поддршката и ја истакна стратешката заложба на Владата на РМ и Министерството за култура да овозможи културата да допре до сите граѓани подеднакво…

Социјализација и општествена инклузија на лицата со попреченост и хендикеп е целта на ликовниот едукативен проект „Уметност за сите“, што го промивираа Националната галерија на Македонија (НГМ) и Холандската амбасада денеска во галеријата Чифте амам, воедно потпишувајќи меморандум за негово спроведување. НГМ во овие две години ќе го спроведува проектот, кој е наменет е за деца од најрана училишна возраст до завршување на средното образование, а ќе се одвива во четири циклуси од по три месеци.

Министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, меѓу другото посочи дека развојот на културата на маргиналните заедници е стратешки важен за нашата земја, доколку сакаме да ја постигнеме клучната цел, а тоа е да создадеме едно општество за сите. „Самиот наслов на проектот и неговите цели кореспондираат совршено со новите културни политики на Владата на РМ, Министерството за култура сублимирани и во нашата максима „Култура на сите, односно култура за сите“. Убеден сум дека овој проект, а и другите што ќе следат ќе ја демонстрираат и во практика нашата почит и грижата кон различностите, и нашата сериозна намера да ги адресираме културните права и потреби на посебните, на ранливите и на маргинализираните групи во општетството“, потенцираше министерот Алаѓозовски.

Холандскиот амбасадор, Вилијам Ваутер Пломп рече дека проектот ја заслужува поддршката поради ентузијазмот и професионалноста на НГМ, како и поради целта на проектот, а тоа е инклузија на социјално ранливи категории како што се децата со аутизам и со попреченост во слухот и во видот. „Културата одсекогаш била една од најважните алатки за демократизација на општетството. Изложеноста на културата и уметноста не е привилегија само за некои, туку основно човеково право. Таа носи подобар квалитет на живеење и најдобро од се е средство за поврзување со другите. Се надевам дека со овој проект тоа ќе се овозможи на овие деца и нивните семејства“, истакна амбасадорот Пломп.

Според Дита Старова Ќерими, директорка на НГМ, „Уметност за сите“ ќе овозможи полесен пристап до културата за децата со посебни потреби од цела Македонија, преку работилници, дебати и организирани посети. „НГМ во рамки на својата програма години наназад во едукативниот сектор реализира проекти наменети за деца од ранливите категории. Големиот број работилници анимираат ученици – деца со различен спектар на попреченост, различна возраст нудејќи можност за социјална инклузија и стекнување нови вештини едуцирајќи ги во културата и уметноста“, рече Старова – Ќерими.

Проектот се реализира со финансиска поддршка овозможена преку МАТРА – програма на Министерство за надворешни работи на Холандија, отворена за сите земји кои се на пат да станат членки на Европската унија. На крајот од 2019 година проектот ќе биде заокружен со завршна изложба.