19/04/2024
Охрид

Успешно реализиран проект на учениците од ОУТУ „Ванчо Питошески“ од Охрид во Барселона

Успешната апликација од страна на училиштето ОУТУ„Ванчо Питошески“ од Охрид, во рамките на Еразмус плус – програма на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, им овозможи да станат корисници на овој проект.

Преку овој проект, учениците престојуваа дваесет и еден ден во Барселона, во реномираниот хотел Campanile. Беа вклучени пет професори и дваесет и еден ученик од угостителско-туристичката струка. Учениците од различни образовни профили беа работно ангажирани на разни позиции во хотелот како рецепционери, готвачи, келнери и др. Нивните работни ангажмани беа поврзани со прием, сместување, испраќање гости и други услуги на рецепција, подготвување разни видови храна и пијалоци, работа на шанк, послужување на храна и пијалоци, подготвување сали за конференции, семинари и сл. Сето тоа им овозможи на учениците да ги покажат и развијат стекнатите знаења и вештини, професионално да се надградуваат, тимски да работат, им даде нови идеи и инспирации, со еден збор, едно големо и позитивно искуство. Покрај стекнувањето нови практични знаења и вештини, учениците имаа можност да се дружат, да запознаат нови предели и култури.

За време на нивниот престој, учениците со пригодни активности презентираа дел од убавините на Македонија и Охрид, како и училиштето ОУТУ „Ванчо Питошески“. Приготвената традиционална македонска храна создаде мост на кулинарски култури и пријателства.

По завршувањето на работната пракса во Шпанија, за овој проект на учениците им беа доделени меѓународно признати сертификати, кои ќе им помогнат во нивната професионална кариера.

Оваа Еразмус програма, не само што овозможува стекнување практични знаења и професионален развој, туку ќе влијае врз афирмирање на училиштето и привлекување поголем број ученици. Позитивните искуства на учениците ќе ја поттикнат желбата кај другите ученици за нови проекти – патувања, едукација и дружења во земјите членки на ЕУ.