Успешно спроведена спасувачка акција на планината Јабланица
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека денес, во 09:44 часот, преку единствениот европски број за итни случаи 112, беше добиена пријава за повредено лице на планината Јабланица – поточно во реонот Парумба. Станува збор за жена која при планинарење го повредила скочниот зглоб и не била во можност самостојно да се движи. Според изјавата на присутен доктор на самото место, повредата била сериозна и барала итна евакуација.
Дополнително спасителната служба на Црвен Крст од Охрид информираше дека условите за пристап до повредената биле отежнати – теренот непрооден за возила, а пешачкиот пристап би траел приближно шест часа. Поради тоа, ЦУК стапи во контакт со Министерството за внатрешни работи, со барање за ангажирање на воздухоплов за спасување.
Благодарение на брзата координација и интервенција, хеликоптерот ја презеде повредената личност во 13:00 часот, по што таа беше транспортирана до аеродромот во Охрид. Оттаму, со возило на Итната медицинска помош, беше пренесена до Специјалната болница за ортопедија и трауматологија – Костозглобна болница.
Во спасувачката акција учествуваа Спасителната служба на Црвен крст – Охрид, Спасувачкиот тим при МВР, Итната медицинска помош – Охрид, Секторот за операции и координација при ЦУК, кој ја водеше целокупната координација на акцијата.
Центарот за управување со кризи изразува длабока благодарност до сите вклучени институции и тимови за навремената и професионална реакција, со што беше спасен човечки живот.
WebOhrid / 09.06.2025 / ЦУК