05/12/2024
Македонија

Усвоен извештајот за напредокот на нашата земја кон ЕУ

Европската комисија го усвои Пакетот за проширување за 2021 година, составен од Комуникација за политиката на проширување на ЕУ и годишни извештаи, со детална проценка на состојбата и напредокот на Западен Балкан и Турција на патот кон Европската Унија, со посебен фокус на спроведувањето на основните реформи и претстојните реформски приоритети.

Во Извештајот за нашата земја и Албанија се вели дека продолжуваат да се исполнуваат условите за отворање пристапни преговори и дека двете земји стабилно напредуваа на реформскиот пат кон ЕУ. Одложувањата во официјалното започнување на преговорите имаат негативно влијание врз кредибилитетот на ЕУ. Билатералните прашања со Бугарија треба да се решат како приоритет. Клучно е земјите членки на ЕУ да ги завршат дискусиите за преговарачките рамки без дополнително одложување и првите меѓувладини конференции со двете земји да се одржат што е можно поскоро и пред крајот на оваа година.

„Политиката за проширување е геостратешка инвестиција во мир, стабилност, безбедност и економски раст на нашиот европски континент. Тоа е процес базиран на заслуги, на кој даваме фактичка и фер проценка, како и јасен патоказ за забрзување и продлабочување на реформите кај нашите партнери“, рече комесарот за соседство и проширување, Оливер Верхели, при презентирањето на Извештајот.

Од своја страна, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и воедно потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, беше дециден дека ЕУ не е комплетна без Западен Балкан и упати апел за обединување во изградбата на посилна Европа.