25/04/2024
Охрид

Утре ќе се одржи ПХВ ШОУ во рамки на годинешниот циклус од Програмата ПХВ-ЦКА

Црвен крст Охрид со големо задоволство го најавува настанот ПХВ ШОУ на кој ќе биде промовиран финалниот производ од овогодинешниот циклус на програмата Промоција на хумани вредности-Црвен крст во акција (ПХВ-ЦКА), а ќе бидат претставени и 6-те проекти кои ги изработија 47 младинци како дел од програмата ПРОМОЦИЈА НА ХУМАНИ ВРЕДНОСТИ. Со проектите беа директно опфатени и помогнати 50 луѓе со нивните семејства, преку обезбедување на апарати за домаќинство, средства за лекување, екскурзија, а се изработи и еколошко градско катче. Посебен сјај на ова ПХВ ШОУ ќе дадат пет наши познати сограѓани, успешни и докажани во својата област на делување Марко Пејчиноски, Владимир Четкар, Јован Цветкоски, Гордана Лолеска и Иван Цветкоски, кои пред присутните ќе одржат мотивациски говори.

Креативното и уникатно ПХВ ШОУ кое доаѓа како круна на одбележувањето на Неделата на промоција на хумани вредности ќе се реализира на 21.09.2018 (петок) во Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, со почеток во 19 часот, а влезот за сите посетители е слободен.

ПХВ-ЦКА е национална програма која обучува млади луѓе на возраст од 14-18 години, да изготвуваат проекти со кои помагаат на целни групи на кои им е потребна помош. Младите се дружат меѓу себе, подобро се запознаваат, ги откриваат и зајакнуваат своите способности, таленти и квалитети. Меѓусебно се поттикнуваат и поддржуваат. Се јакнее нивната самодоверба, стануваат потолерантни кон останатите, ги јакнат комуникациските вештини и работат тимски. Младите ја изразуваат својата креативност во организирањето на активности преку кои обезбедуваат средства за остварување на нивната цел-помош на ранливата категорија на граѓани.