19/04/2024
Македонија

Утврдени законските измени за установите согласно Планот за борба против корупцијата

Владата на Република Северна Македонија на денешната 108-ма седница ја разгледа и усвои информацијата за потребата од склучување на нов усогласен текст на Амандманот бр.1 на Договорот за грант за партнерство за развој меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, и го овласти министерот на финансии Фатмир Бесими да ги потпише договорот со новиот амандман според кој  УСАИД го зголемува вкупниот планиран придонес од 8.258.792 долари на 56.610.000 долари.

Овие средства УСАИД ќе ги додели во текот на следните 4-5 години за проекти за зајакнување на економската конкурентност, за зголемување на придонесот на младите во општеството и за проекти и програми за намалување на корупцијата.

На оваа своја седница Владата го утврди текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за установите, кој се сообразува со Планот за борба против корупцијата и со кој е предвидено да се воспостави мерит процедура за селекција и назначување на членови на управните и на надзорните одбори во јавните установи, воведување на транспарентност во постапката за пријавување и селекција, како и намалување на бројот на членови на управните и надзорните на јавните установи.

На  предлог на Министерството за финансии денеска е утврден текстот на Предлог-законот за финансиска стабилност да придонесе кон одржување на стабилноста на финансискиот систем во целина; да го спречи и да го намали кумулирањето на системските ризици; да ја зајакне отпорноста на системот; да обезбеди одржлив придонес на финансискиот систем кон економскиот раст и да постигне усогласување со Регулативата (ЕУ) бр.1092/2010 за макропрудентен надзор на финансискиот систем на Европската Унија и формирање Европски одбор за системски ризик.

Законот, чие донесување се предлага треба да ја обезбеди стабилноста на финансискиот систем и  поголема сигурност и еднаквост на финансиските субјекти.

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за обезбедување бесплатен државен WiFi на отворени јавни површини, како дел од Програмата за работа на Владата.

За реализација на оваа програма Владата утврди препорака за Јавното претпријатие Национална радиодифузија – Скопје како носител на реализацијата на проектот обезбедување на бесплатен државен WiFi на отворени јавни површини на локации од интерес за туристи од страна на телекомуникациски оператори до крајот на 2021 година во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и локалните самоуправи да подготви и достави предлог Листа на локации за обезбедување бесплатен државен WiFi за цела територија на државата, за добивање согласност од Владата на Република Северна Македонија, согласно Препораките за обезбедување бесплатен државен WiFi на отворени јавни површини.

До крајот на април 2022 година, во соработка со Министерство за информатичко општество и администрација, Национална канцеларија за бродбенд компетентност и Агенцијата за електронски комуникации ќе одржат јавни состаноци со заинтересираните оператори и локалните самоуправи за реализацијата на обезбедувањето бесплатен безжичен WiFi на одобрените локации од интерес за туристите.

На денешната седница Владата ја донесе Стратегијата за развој на информатичко-технолошките и компјутерски системи на Царинската управа за периодот 2021 – 2025, со цел координиран и навремен развој и имплементација на националните системи во рамки на Царинската управа и за нивно поврзување со системите на ЕУ, а со цел остварување на следниве стратешки цели:

• Интерконективност и интероперабилност со ИКТ системите на ЕУ;

• Имплементација на стандардите за интеграција со Националната платформа за интероперабилност;

• Унапредување на ИКТ опкружувањето;

• Примена на современи технологии и практики за имплементација на деловните побарувања;

• Унапредување на примената на интернетот, интранетот и социјалните мрежи во царинското работење.

Исполнувањето на стратешките цели е во насока на реализација на Повеќегодишниот стратешки план на ЕУ за имплементација на е-Царина (MASP ) и усогласување со новиот Царински закон на ЕУ (Union Customs Code – UCC). Навремената реализација на активностите дефинирани во овој документ се дел од предусловите при исполнување на критериумите на Царинската управа за пристапување на Република Северна Македонија во Европската унија.