Ваучерите ќе го спасуваат македонскиот туризам

Денеска во Охрид на средба со хотелиерите од Охрид и Струга беа вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска и заменик-министерот за економија Кирил Колемишевски.

Вицепремиерката Царовска рече дека со хотелиерите разговарале за правилната примена на протоколите за отворање и работа на хотелите и другите сместувачки капацитети, во насока на превенција од КОВИД- 19, како и за актуелната кампања „Дома си е дома“.

-Владата додели ваучери за туризам на повеќе од 100 илјади граѓани, половината се веќе доставени до граѓаните, а втората половина се очекува да биде дистрибуирана многу скоро. Целта е нашите сограѓани да ги искористат домашните сместувачки капацитети, за време на годишните одмори, што секој еден граѓанин и работник треба да го има во текот на една година, а воедно ќе ги помогнеме хотелите и угостителите, кои со месеци беа затворени поради одлуките на Владата за полесно справување со коронавирусот, рече Царовска.

Заменик-министерот Колемишевски потсети дека над 100 илјади лица со месечен приход кој не надминува 15.000 денари, ќе добијат ваучери за туризам што ќе може да ги искористат во домашни сместувачки капацитети и дополнителна картичка со 3.000 денари за купување на домашни производи и услуги, со што директно се помага на раздвижување на македонската економија.

Хотелиерите се надеваат на успешна туристичка сезона, иако се свесни дека ништо нема да биде како порано.

-Се надеваме на успешна туристичка сезона, свесни сме дека нема ништо да биде како порано. Имаме нов начин на работа и структура на гости. Очекуваме домашниот туризам да заземе голема бројка во оваа сезона. Се надеваме на успешна сезона, преку искористеност на ваучерите за туризам, доделени преку Владата на граѓаните. Подготвено го очекуваме почетокот на туристичката сезона, рече управителот на хотел Гранит, Перо Кутаноски, во име на хотелиерите од Охрид, Струга и здружението ХOTAM.

Кутаноски истакна дека хотелиерите се потполно подготвени да работат во согласност со усвоените протоколи за кои и самите, како што додаде, помогнале во изработката.

This slideshow requires JavaScript.