29/03/2024
Охрид

Вечерва на „Охридско лето“ концерт на Дуото „СолиПс“

Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ вечерва ќе настапи дуото „СолиПс“. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Ова дуо формирано во 2011 година го сочинуваат македонско-француската флејтистка Елена Стојческа и францускиот гитарист Роман Петио. Тие настапуваат на сцени и на фестивали во Франција, Белгија, Чешка, Италија, Русија и Босна и Херцеговина. Од нивните настапи се издвојуваат : „Маскфест“ во Сан Марино, „Форфест“ во Кромериц, Интернационалните фестивал „Сараевска зима“, настапот во Музејот на Скрјабин во Москва, настапот на Неделата на класична музика во Лавоар, во Музејот за уметности во Брисел…

Камерниот состав флејта – гитара го привлекува вниманието на композиторите уште на средината од 20 век, од времето на Астор Пјацола и неговата „Историја на тангото“. Дуо „СолиПс“ свири главно музика создавана во 20 и 21 век од страна на композитори како што се: Доина Ротару, Масимилијано Месиери, Тору Такемицу, Венсан Еро, Лоренс Шеер или Едисон Денисов. Од друга страна дуо „СолиПс“ исто така, покажува интерес за музиката која е инспирирана од фолклорот, па така, посебно внимание им посветува на делата од: Бела Барток, Душан Богдановиќ, Мирослав Тадиќ, Рави Шанкар. Во 2016 година премиерно го изведуваат делото „Љубовна песна“ од Масимилијано Месиери, композиција создадена и посветена токму за нив, како и делото „Сон во сон“ за флејта, гитара, глас, вудблок и електроника. Американскиот композитор Лоренс Шер делото „Капричиозо“ за флејта и гитара го посветува на дуото „СолиПс“.

Флејтиската Елена Стојческа е добитничка на прва награда на Меѓународниот натпревар „АудиМоцарт“ во Роверето, Италија како и на бројни награди од државните натпревари за флејта и камерна музика во Северна Македонија, како и на натправарите „Буфет-Крампон“ и „Гастон Крунел“ во Франција.

Настапувала како солист со Македонската филхармонија, оркестарот „Хајдн“ од Болцано и Тренто, оркестарот „Пoл Кунц“, Симфонискиот оркестар „Бакау“ како и со оркестарот „ Француски флејти“. Како рецитален уметник и камерен музичар настапувала во Франција, Италија, В. Британија, Турција, Луксембург, Холандија, Р.С. Македонија на бројни фестивали. Членка е на ансамблот флејти „Бонсаи“ и на престижниот оркестар „ Француски флејти“. Стојческа е добитничка на повеќе стипендии од „Отворено општество“- Македонија, фондацијата „Албер Русел“, како и од владите на С. Македонија и Франција. Студирала во С. Македонија, Франција и Италија кај реномирани професори како: Пјер-Ив Арто, Петер Лукаш Граф, Винсент Лукас, Аурел Николет, Ирена Графенауер и Бети Станковска. Професор е на Конзерваториумот Ливри-Гарган, како и на Парискиот централен конзерваториум- ЦМА „В.А. Моцарт“.

Францускиот гитарист Роман Петио е победник на повеќе натпревари како „Гитарманија“ во Алмада, Португалија и „Гитар Фест“ во Белград, а финалист бил и на натпреварот „Роберт Видал“ во Франција. Како рецитален и камерен музичар настапувал на повеќе значајни фестивали во: Франција, Италија, Чешка, Португалија, Русија, Босна и Херцеговина и Шпанија.

Премиерно изведува и снима дела за соло гитара од композиторите Лоренс Шер, Венсан Еро и Масимилијано Месиери. Дипломирал со највисоки оцени во школата за музика „Алфред Корто“ и се стекнува со магистерска од областа на педагогијата од Парискиот Конзерваториум. Студирал со Алберто Понсе и Јудикаел Перој, а се усовршувал на мајсторски курсеви кај Дејвид Расел, Зоран Дукиќ, Лоренцо Микели, Павел Стајдл и Карло Маркионе… Роман е роден во 1987 година, живее и работи во Париз каде предава на Регионалниот конзерваториумот во Л’ај ле Роз.