20/04/2024
Охрид

Вечерва завршува седмото „На зајдисонце“ во Трпејца

Кога времето и природата ќе ги замешаат коцките човекот е немоќен. Така ова лето две вечери од културно – забавното лето во Трпејца поради дожд беа одложени и денеска – сабота ќе се спојат со планираните настани за крај на манифестацијата.

Претпладнево се одржа традиционалната прошетка по околината на Трпејца оваа година наречена „По трагите на стариот турски пат“.

Околу пладне започна турнирот во шах во организација на ШК „Ласкер “ од Охрид под раководство на Борис Лушески.

Од 16 часот ќе се одржи малиот пливачки маратон во кој желба да учествуваат најавија голем број туристи кои одмораат тука.

Час подоцна ќе биде заокружена работилницата „Цртаме на зајдисонце“ со деца учесници водена од уметникот Слободан Пупиноски а нивните дела ќе ги види вечерва присутната публика на затворањето.

По неколку дневна напорна работа вечерва од 19 и 30 часот на сцената „Кај бунарот“ под водство на актерката Марија Новак деца од Трпејца и деца туристи заедно ќе изведат две приказни инспирирани од народното творештво за Итар Пејо. На овој начин ќе биде заокружена работата на првата театарска работилница во Трпејца.

Потоа следи изборот поезија од македонски и светски автори кои пишувале за Охридското Езеро и водата во избор и интерпретација на Марина Димовска.

Културно – забавното лето во Трпејца помогнато од Општина Охрид и Министерството за култура на РМ и спонзори годинава честа да го затворат им припадна на членовите на Градскиот хор ВОКС ЛИХНИДОС од Охрид под раководство на диригентот Бурим Хидри.

Што друго се случуваше во Трпејца „На зајдисонце“ од половината на манифестацијата до денес?

Во вторникот во рамките на филмската вечер публиката со аплаузи го награди документарецот – репортажа на Томе Љушев – Шпанец насловен: „Од Трпејца преку Св. Заум до Св. Наум“. Вечерта беа прикажани и два документарци во продукција на Вардар филм од 1954 и 1958 година посветени на Охрид и езерото во кои одредени делови се снимани во и околу Трпејца.

Средата вечерта се одржа традиционалниот концерт на ансамблот „Билјана“ под наслов „Да запееме песни наши“.

Четвртокот беше ден за „Фаќаме риба на јадица“.

Синоќа на радост на трпејчани и гостите се одржа прекрасниот концерт на КУД „Фоклористи“ од Лескоец.