24/04/2024
Охрид

Верниците масовно се упатуваат во манастирот Св. Наум

Од денес попладне верници се упатуваат во манастирот Св.Наум, палат свеќи, се молат за здравје и среќа и се поклонуваат пред моштите на големиот светец.

По повод празникот посветен на Преподобен Наум Охридски Чудотворец во манастирот Св.Наум вечерва се служеше празнична вечерна богослужба.

Утре, со почеток во 08:45 часот ќе се служи света архиерејска литургија на која ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско – кичевски и Администратор Австралиско – сиднејски г. Тимотеј.

Манастирот „Св. Наум“ е изграден на висока карпа, над самото Охридско Езеро, на неговата најјужна точка, во една месност со ретка природна убавина. Подигнувањето на овој манастир е поврзано со името на Наум, Климентовиот соработник. Св. Наум, пред крајот на својот живот, го основал манастирот Св. Архангел и во 910 година бил погребан во него. Околу манастирот има повеќе други црквички, како: Света Петка, Свети Атанасиј, Агијазмо и др.

За многу години!