29/03/2024
Охрид

Верниците се упатуваат кон манастирот Света Недела во село Оровник

По повод празникот посветен на Светата Великомаченичка Недела, од вечерва многу верници од целата држава, како и наши иселеници се поклонуват пред Света Недела во селото Оровник, палат свеќи и се молат за здравје, среќа и бериќет.

По повод празникот, вечерва се одржува прослава, на која присутните верници ги забавуваат познатите пејачи Благоја Грујовски, Сања Ристеска, Дамјан Стојаноски, браќата Нуневи и Џељо Дестаноски.

За многу години празникот!

Повеќе за манастирот Света Недела во село Оровник

Во местото викано „Капеш“, веднаш над селото Оровник, на патот кој води за „Тројанско поле“ и соседното село Лакочереј, се наоѓа месноста „Лекојта Вода“. На ова место од памти век постои изворче со лековита вода, богата со минерали. Ова место уште од порано меѓу населението било познато како „Св. Недела“.

Во 90-тите години од минатиот век, на иницијатива од оровничанецот Крсте Б. Нелоски заедно со неговата фамилија, потпомогнат од жителите на Оровник и околните места, започната е изградба на манастирска црква Св. Недела. Прво е извршена каптажа на малото изворче, расчистен е теренот и е подигната манастирската црквата Св. Недела. Црквата е осветена на ден 20 јули 1996 год, на празникот Св. Недела. Осветувањето го изврши митрополитот Дебарско – кичевски Тимотеј со своите свештено-служители. Подоцна наредните години, веднаш над манастирската црква изграден е манастирски конак и камбанарија. Богослужба има за празникот Св. Недела, на 20 јули секоја година. Спроти празникот Св. Недела, вечерта на „заслогот“ има голем Црквено – народен собор, кој секоја година е посетен од многубројни верници од целата држава. На самиот празник, на Св. Недела, 20 јули, има богослужба, а манастирот за сите посетители дава ручек.