19/04/2024
Македонија

Светиот цар Јустинијан

Денес е празник посветен на Светиот цар Јустинијан.

По потекло е Македонец од околината на Скопје. Словенското име му е Управда. Го наследи на престолот својот чичко Јустин. Големината на овој цар е неразделно поврзана со неговата длабока православна вера. Веруваше и живееше според верата. За време на Чесниот Пост не јадеше леб и не пиеше вино, а се хранеше со зелје и пиеше вода секој втор ден. Завојува со дунавските варвари само затоа што ги кастрираа заробениците. Ова е еден од знаците на неговото човекољубие. Беше среќен и успешен во војните и во работата. Изгради голем број прекрасни храмови, од кои најубав меѓу најубавите е Света Софија во Цариград. Ги собра и ги издаде римските закони. Самиот издаваше многу строги закони против неморал и распусност. Ја состави црковната песна „Јединородни Сине и Слове Божји“, којашто од 536 година почна да се пее на литургија. Го свика Петтиот Вселенски Собор во 553 година. Се упокои мирно на 14 ноември 565 година во осумдесеттата година од својот живот и се пресели во Царството на небесниот Цар.