23/04/2024
Македонија

Вицепремиерот Анѓушев на Меѓународна арбитражна конференција

Заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања и координација на економските ресори се обрати на Меѓународната арбитражна конференција „Преку унапредување на арбитражното законодавство до подобро деловно опкружување“, која денес и утре се организира во Стопанската комора на Македонија.

Зборувајќи на свеченото отворање на конференцијата, вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека арбитражната постапка е еден од начините на коишто може подобро, поефикасно и што е најбитно, побрзо да се решат споровите помеѓу компаниите, но не исклучиво само помеѓу компании, туку и помеѓу приватните компании и јавните институции. 

„Секаде во светот арбитражните постапки се тие коишто воглавно ги решаваат споровите помеѓу стопанските субјекти. Цениме дека има многу простор за подобрување на ова поле и во нашата држава. Ја поздравуваме иницијативата, што во рамките на Стопанската комора е направена арбитражна комисија за решавање на вакви спорови. Сметаме дека компаниите треба да го препознаат тоа како можност за флексибилно и брзо решавање на споровите, пред сè, затоа што од друга страна, тие имаат поголема слобода да ангажираат експерти за специфични подрачја, додека во судовите тоа мора да се решава со вештаци и со вештачења. Мислиме дека ова е начин на којшто развиениот свет ги решава споровите. Сметаме дека има сериозни перспективи во оваа област и дека во тој дел може да напредуваат тенденциите, бидејќи во минатото немавме многу позитивни примери во кои компаниите веруваат на ваквите арбитражи. Но од друга страна ако погледнете, судските спорови траат со години, решенијата не се извесни, честопати второстепените пресуди се разликуваат од првостепените, па потоа имаме и третостепени, управни постапки, итн. Во арбитражните постапки сè се одвива во еден степен, двете страни се обврзуваат дека ќе ја почитуваат пресудата на Арбитражниот суд и во таа смисла, постапките се пократки и поефикасни“, нагласи Анѓушев.

Швајцарија е земја каде што арбитражата се сфаќа многу сериозно и има многу искуства од оваа област и затоа често е избрана како земја локација каде што се одржуваат меѓународните арбитражни спорови, нагласи амбасадорката на Швајцарија Н.Е. Сибил Сутер Техада.

„Во последните сто години Швајцарија беше земја домаќин на многу вакви постапки за разрешување на спорови и е вистински пример во светот. Денес или утре ќе има еден швајцарски адвокат кој тука ќе има свое излагање за меѓународната арбитража и јас со нетрпение очекувам да го слушнам него, како и сите останати“, дополни амбасадорката Техада

Претседателот на постојниот избран суд – арбитража при Стопанската комора на Македонија д-р Горан Рафајловски кажа дека арбитражата ги бутна магичните бројки на бројот на предмети во 2018 година.

„Арбитражната постапка во земјата, морам да ја пофалам, веќе ги држи европските стандарди во однос на на процент и бројки во однос на постапки кои се решаваат преку арбитража или надвор од неа. Нејзиниот капацитет е неприкосновено сериозен и од таа причина ги повикувам сите субјекти, не само големи субјекти коишто ги имаат арбитражните клаузули во своите договори, туку и сите мали и средни субјекти да пристапат кон арбитражата, доколку сакаат во еден степен праведно и рационално да биде решен спорот. 5% од вкупните спорови што се во Северна Македонија, се решаваат по пат на арбитража, што веќе е на завидно ниво и е приближно до европското ниво. Нормално, ни треба време да ги стигнеме швајцарското и американското ниво во овој поглед, ние сме на самите почетоци да ја разбереме арбитражата и што таа претставува, но ве уверувам дека тоа што овде и на кој начин ќе се пресуди, ќе донесе иднина или верба во правосудниот систем во РСМ и стопанствениците нема веќе да претпоставуваат како ќе биде решен спорот, туку оној момент кога ќе биде поставен на маса, однапред ќе го знаат исходот, бидејќи ќе се знаат податоците, документите, бројките, бидејќи за арбитражата треба се’ да биде претходно подготвено.