18/04/2024
Македонија

Вицепремиерот Анѓушев на средба со германскиот советник Валтер Дефа

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, се сретна со амбасадорот на СР Германија, Н.Е. Томас Герберих и со д-р Валтер Дефа, специјалниот советник номиниран од Владата на СР Германија, кој како искусен професионалец се очекува да даде поддршка на Владата во  спроведување на економските политики.

Вицепремиерот Анѓушев ја искажа благодарноста кон Владата на СР Германија за поддршката кон евро-атлантските интеграции и економскиот развој на нашата земја, пришто го изрази задоволството што токму една од најсилните економии е посветена да ги поддржи економските реформи на Република Северна Македонија.

Анѓушев и Дефа разговараа за стратешките приоритети на Владата за развојот на економијата на Република Северна Македонија и како да се обезбедат клучните предуслови за побрз и одржлив економски раст и развој. Клучните постулати во оваа насока се владеење на правото, реализацијата на инфраструктурните проекти за подобро поврзување со соседите, со тоа и зголемување на регионалната економска соработка, но и реформи во образовниот систем, со кои ќе се задоволат потребите на пазарот на трудот во земјата. 

На денешната нивна прва средба, Вицепремиерот истакна дека споделувањето на искуствата за европските фондови, ќе биде од особено значење и ќе придонесе за искористување на овие фондови за побрз економски развој и подобрување на животниот стандард и квалитетот на животот на граѓаните на Република Северна Македонија.

Валтер Дефа е долгогодишен претставник на СР Германија во Европската Комисијата, каде извршувал повеќе должности. Помеѓу другото бил и  директор на Генералниот директорат за регионална политика, а го предводел и Генералниот директорат за даноци и царини на Европската Комисија.