23/04/2024
Охрид

Виолончелистот Књазев со импресивна изведба на баховите свити

Врвно естетско доживување за публиката на „Охридско лето“ приреди синоќа  рускиот виолончелист Александар Књазев во катедралната „Света Софија“. Свирејќи го Бах, харизматичниот уметник кој важи за еден од најдобрите виолончелисти на својата генерација, покажа дека и потешките дела на генијалниот Јохан Себастијан Бах преку извонредно и прецизно музицирање можат да направат пријатна и релаксирана атмосфера.

Рускиот уметник последен настапи на „Охридско лето“ во 2015 година, но како што појаснува, секое музицирање во црквата „Света Софија“ носи нови возбудливи мигови.

-Задоволен сум од синоќешниот концерт иако е тешко да се биде потполно задоволен. Секогаш постојат некои мали детали кои мора да се направат, но во принцип сум задоволен од настапот на „Охридско лето“. Црквата има многу убава акустика, посебно за делата Бах. Се чувствува одот на времето кога настапуваш во еден ваков стар објект и тоа навистина му даде дополнителна тежина на концертот, вели виолончелистот Књазев.

Импресивната изведба на најпознатите бахови инструментални свити, како што вели уметникот, била специјално одбрана за настапот на фестивалот „Охридско лето“.

-Специјално ја одбрав оваа програма за настапот на „Охридско лето“. Оваа сезона често настапував со  шест свити и свирев со две паузи. Сметав дека ќе биде премногу тешко овде да отсвирам шест, и затоа на публиката и доловив три свити, додава Књазев.

Концертот на Александар Књазев го проследија и неговите колеги, виолинистот Сергеј Крилов и пијанистот Николај Лугански со кои вечерва повторно ќе настапат како трио пред фестивалската публика.

-Проследивме навистина фантастичен концерт на нашиот колега и пријател Александар Књазев. Атмосферата беше прекрасна и сме многу среќни што сме овде, вели виолинистот Крилов.

За пијанистот Николај Лугански, секоја интерпретација на Бах од страна на Књазев претставува посебно доживување.

-Сум го слушал со свитите на Бах многу пати и секогаш за мене е посебно доживување. Се работи за извонреден уметник со неверојатна енергија, додава пијанистот Лугански.

Књазев и неговите колеги, Крилов и Лугански, вечерва во црквата „Света Софија“ ќе приредат уште едно музичко доживување за публиката на фестивалот „Охридско лето“.