19/04/2024
Македонија

Виртуозот Роман Симовиќ вечерва настапува со Македонската филхармонија

„Чајковски и Бетовен“ е насловот на вечерашниот симфониски концерт на Македонската филхармонија, на кој како солист ќе настапи еден од најуспешните црногорски и европски виолинисти – Роман Симовиќ (1981), моментно концерт-мајстор на реномираниот Лондонски симфониски оркестар, а во исто време е ангажиран и како концерт-мајстор со Марински театар и со Минхенската филхармонија…

Симовиќ за македонската публика ќе го изведе еден од најпопуларните концерти за виолина, виртуозниот Концерт за виолина и оркестар бр. 1 од рускиот композитор Петар Илич Чајковски.

Симовиќ е основач на реномираниот гудачки квартет „Рубикон“, а како професор постојано одржува мастер-класи во САД, Велика Британија, Јужна Кореја, Црна Гора, Израел… Симовиќ свири на виолина од марката „Страдивари“ од 1709 година. Роден е во Русија, неговиот дедо е Црногорец кој таму емигрирал, татко му е од Украина, а неговата мајка е Русинка. Со семејството емигрирал од Украина во 1991 година, во најлошото време за овие простори, во време на војна, инфлација, ембарго. Посочува дека бил принуден да си замине и од Украина, каде што, исто така, ситуацијата била лоша. Студирал на Академијата во Цетиње, а со стипендијата која ја добил од државата заминал во Москва на постдипломски студии кога почнала и неговата сериозна уметничка приказна.

Под диригентско водство на маестро Борјан Цанев, Македонската филхармонија ќе ја изведе и Симфонијата бр. 1 од музичкиот гигант Лудвиг ван Бетовен.