19/04/2024
Македонија

Владата го усвои клучниот документ за развој на одбраната, Стратегискиот одбранбен преглед

Стратегискиот одбранбен преглед, клучниот документ за развој на одбраната и на Армијата на Република Македонија, денеска беше усвоен од страна на Владата на Република Македонија.

„Македонија доследно работи на реформите и ги исполнува сите услови за членство во НАТО. После само една година, успеавме да го подготвиме клучниот документ кој ја дефинира одбраната и нејзиниот развој. Стратегискиот одбрнбен преглед е практично целата реформска агенда на одбраната на Република Македонија, а неговата подготовка е многу важен исчекор за гарантирање на нашата безбедност, но и за наше членство во НАТО“, рече министерката Шекеринска на прес-конференција по усвојувањето на документот.

Македонија не ја чекаше поканата од НАТО за да ги почне потребните реформи, рече Шекеринска, и додаде дека изминатите 12 месеци се работеше напорно. Истакна дека одбранбениот буџет е зголемен  и дека ќе продолжи да се зголемува секоја година, сè до потребните 2 проценти од бруто-домашниот производ, дека платите на сите припадници на Армијата од почетокот на годината се зголемени, со што е подобрен нивниот стандард.

Во однос на развојните политики кои се планираат со Стратегискиот одбранбен преглед, министерката Шекеринска рече дека една од приоритетните цели на овој документ е создавање на модерна и флексибилна армија која ќе ја гарантира стабилноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија.

„Со новиот концепт, организацијата ја дизајнираме со консолидиран број на команди и штабови, со јасно дефинирани нивоа на одговорност, со делегирани овластувања на соодветно ниво, наместо досегашната централизираност, оптимална големина и целосна пополнетост на единиците“, рече министерката.

Министерката најави дека ќе се реорганизира и Министерството за одбрана со цел да обезбеди подобро раководење, подобро оперативно менаџирање и фокус на клучните функции – обезбедување на одбраната, обезбедување на стратешки одлуки и цивилна контрола на армиските сили.

Една клучна определба е и растот на буџетот на одбраната, а вистинската сила на Армијата ќе се базира на високообучени професионалци кои ќе ја имаат и потребната опрема, согласно НАТО-стандардите. Ќе продолжи и придонесот на Армијата во меѓународни операции, а декларираните единици кои се подготвуваат за употреба во рамките на мисии на НАТО, ЕУ, ООН, ќе бидат во фокусот на процесот на модернизација.

„Пред една година кога Црна Гора стана членка на НАТО, им честитав и кажав дека нашата цел е Македонија да стане 30-тата земја членка на Алијансата. Тоа звучеше како добра желба, но денес тоа е реалност која ни е на дофат. Следната недела Македонија ќе ја добие поканата за членство во НАТО. За само неколку месеци, тоа значи дека Македонија ќе го започне процесот на ратификување на протоколите за пристапување и дека од тој момент ќе започне да учествува на сите состаноци на НАТО и ќе биде дел од Советот на Алијансата. Само за неколку месеци добиваме шанса да бидеме на масата каде се носат одлуките“, рече министерката за одбрана.

„Членството во НАТО значи безбедна иднина, но и сигурен економски напредок и развој, а бројките тоа јасно го покажуваат“, заклучи министерката за одбрана.

https://www.youtube.com/watch?v=XegH7h6uLjE