29/03/2024
Македонија

Владата и претставниците на средношколците ќе соработуваат на усовршување на моделот според кој ќе се организира наставата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, заменичка на претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, министерот за образование, Арбер Адеми, министерот за здравство, Венко Филипче, заменик-министерката за образование, Елизабета Наумоска, примија делегација на Сојузот на средношколци предводена од претседателот на сојузот Бленди Ходаи.

На средбата претставниците на Сојузот на средношколците беа детално запознаени со одлуката на Владата за моделот според кој ќе се организира и спроведува наставата во основното и средното образование во услови на КОВИД-19, која е донесена врз основа на стручните анализи и препораки на Комисијата за заразни болести.

Моделот за комбинирано организирање на наставата онлајн со алатки за интернет комуникација и со физичко присуство на учениците од прво до трето одделение во основното образование и со одредени други исклучоци каде што тоа е безбедно од здравствен аспект, беше истакнато на средбата, е прифатен како модел кој во најголема мерка ги намалува ризиците за здравјето на учениците и наставниците.

Премиерот Спасовски, вицепремиерката Царовска и министрите за образование и за здравство Адеми и Филипче ја прифатија сугестијата на претставниците на Сојузот на средношколците за нивна поголема вклученост во подготовките за организација и спроведување на прифатениот модел за да се постигнат најдобри решенија во интерес на учениците и наставниците. Исто така министерот за здравство Филипче ги покани средношколците да присуствуваат на состанок на Комисија за заразни болести на кој детално ќе се запознаат со состојбата со КОВИД-19, но и за мерките за заштита од заразата кои се во интерес на заштитата на јавното здравје.