23/04/2024
Македонија

Владата на Република Северна Македонија на прво место, а собранието на трето место во регионот според Индексот на отвореност

Со поддршка од Проектот на УСАИД за граѓанско учество и Националната фондација за демократија, Фондацијата Метаморфозис во соработка со партнерите од регионалната мрежа на Граѓанската организација  Отчетност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа (ACTION SEE), подготви Проценка на состојбата на добро владеење на собранијата и извршните гранки на централните власти на четири држави од Западен Балкан – Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Оваа година, во мониторирањето на парламентите, беа вклучени и Хрватска и Словенија и можеше да се согледа отвореноста на парламентите во екс-југословенските држави.

Проценката е резултат на сеопфатно емпириско истражување засновано врз Индексот на отвореност, чија цел е да се утврди степенот до кој се почитуваат принципите на доброто владеење во регионот. Регионалната перспектива служи како референца за тоа како напредуваат државите во регионот кон подобрување на доброто владеење и владеењето на правото што ги води кон нивната стратегиска цел – членство во ЕУ.

Според истражувањето, најотворена е Владата на Северна Македонија, која исполнува 83,43% од поставените критериуми за отвореност, по која следи Советот на министри на БиХ со 74,9%. На трето место е Владата на Црна Гора со 59,46%, потоа Советот на ФБиХ со 58,42%. Владата на Република Србија исполнува 47,67% од критериумите, а Владата на автономната покраина Војводина 50,18%. На последно место е Владата на Република Српска со 38,53% исполнување на критериумите за отвореност. Како прва земја во регионот што објави и имплементира Стратегија за транспарентност, Северна Македонија даде пример како институцијата треба систематски да пристапува и да ги насочува своите напори кон проактивна транспарентност и отвореност кон своите граѓани. Најдобри резултати постигнуваат министерствата во Северна Македонија со 62%, потоа министерствата на Црна Гора со 57,9%, министерствата во Србија со 48,7% и министерствата во Босна и Херцеговина кои исполнуваат 30,6% од критериумите за отвореност.

Собранието на Република Северна Македонија исполнува 68.15% од индикаторите за отвореност и е рангиранo на трето место во регионот (на прво место останува Собранието на Црна Гора со 77.89%, по кое следи Собранието на Словенија со 72.31% исполнетост на индикаторите за отвореност). Како тело кое е директно избрано од граѓаните и одговара пред граѓаните, Собранието треба да вложи поголеми напори за обезбедување целосна транспарентност, односно отвореност.

Трудот е збогатен со практични препораки за тоа како извршната власт и Собранието во Северна Македонија можат да го подобрат нивното почитување на принципите на добро владеење во иднина. Препораките ќе бидат соопштени до високите државни службеници во сите набљудувани институции преку состаноци, како и до пошироката јавност преку социјалните медиуми и одржување на јавни настани. Истражувањето се повторува на годишно ниво и ни овозможува да го споредиме степенот до кој ќе се постапува според овие препораки. Оваа проценка е достапна на македонски, албански и англиски јазик на веб-страницата на Метаморфозис https://metamorphosis.org.mk/izdanija_arhiva/

Ова истражување се спроведе како дел од активностите на Метаморфозис во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско учество. За повеќе информации за работата посетете ја веб-страницата на Метаморфозис и веб-страницата на Проектот на УСАИД за граѓанско учество.