28/03/2024
Македонија

Владата на РМ го разгледа и усвои извештајот за договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство

Владата на Република Македонија на својата седница одржана синоќа донесе одлука да го декласифицира договорот насловен „Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните“, кој е поставен на веб страната на владата на линкот: http://vlada.mk/node/14958.

На седницата со која претседаваше Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров, ги информираше членовите на владата за текот на процесот на реализација на договорот во кој се предлага името Република Северна Македонија.

Министерот Димитров истакна дека Спогодбата на пријателски начин ги утврдува интерпретациите на поимот Македонија, при што на достоинствен начин се заштитени достоинството, националниот, културниот и севкупниот идентитет на нашиот народ.

Министерот за надворешни работи информираше и за чекорите што следуваат за реализацијата на овој договор кој ја става нашата земја поблиску до членството во НАТО и ЕУ.

Со договорот се прецизира идната соработка во насока на стратешко партнерство кој отвора големи перспективи за продлабочување на пријателството меѓу двете земји.

Премиерот Заев на седницата нагласи дека тој силно верува во договорот, бидејќи со јасен и признаен идентитет за посебноста на македонската нација конечно се затвора ова прашање и се отвора иднината за земјата, и дека оваа влада треба да биде горда на ова решение, како историска одлука, затоа што испишува нова страница во историјата на нашата земја.

Претседателот на Владата Зоран Заев истакна дека постојат силни аргументи овој договор да се афирмира и брани до негова целосна реализација, за што конечен збор ќе дадат граѓаните на референдум.

На седницата министрите во Владата на РМ едногласно го усвоија извештајот за договорот и го овластија министерот за надворешни работи да ја потпише Спогодбата.