20/04/2024
Охрид

ВМРО-ДПМНЕ: Бизнис интересите на власта се поважни од приоритетите на УНЕСКО и заштитата на Охрид

Денес во просториите на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид се одржа прес-конференција, на која говореше портпаролот Перчо Божиновски.

„Власта на СДСМ и градоначалникот Константин Георгиески не успеаја да се справат со препораките од УНЕСКО за Охрид и уривањето на дивоградбите.

Зошто Георгиески молчи откако заврши рокот на УНЕСКО за спроведување на активностите?

Граѓаните очекуваат да бидат информирани од Георгиески што им одговори на претставниците од УНЕСКО.

Кој одговор им го даде Георгиески на тројцата претставници од УНЕСКО за дивоградбите изградени за време на прогласениот мораториум?

Што им одговори на прашањето за депонијата во Буково?

Георгиески да одговори кои мерки се преземени и кои активности се спроведени на терен?

Јавноста бара одговор за резултатите од спроведувањето на 19-те препораки за заштита на Охридскиот регион.

За жал како што наближува изборниот процес така најверојатно бизнис интересите на власта се поважни од приоритетите на УНЕСКО и заштитата на Охрид. А, и што може да се очекува од уценет градоначалник.

Со оваа власт ниту ќе се срушат дивоградбите во Охрид, ниту пак СДСМ има капацитет да воведе ред во Охрид.“ – истакна Божиновски.