ВМРО-ДПМНЕ: Георгиески на својата турнеја во Белград ја предаде историски вредната ограда од вилата „Билјана“

ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Почитувани охриѓани,

Градоначалникот Георгиески на својата турнеја во Белград ја предаде историски вредната ограда од вилата „Билјана“, во време кога Охрид и граѓаните тонат во сериозни проблеми, а недостасува и вниманието за нашето културно богатство.

Што добија Охрид и Македонија за возврат од тоа што Георгиески зад флоскулата на пријателство ја однесе оградата?

Дали Георгиески знае дека пријателството е двостран однос и дали во знак на пријателството од Белград ќе се врати со златните маски од Требеништа како и со охридските длаборези што ги красат тамошните институции и музеи?

ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид за ваквиот чин ќе бара одговори и ќе се обрати до Управата за заштита на културното и историско наследство, Министерството за култура, и МНР, со единствена цел, изнесувањето на културни артефакти од Македонија да не биде само самоволен чин на еден градоначалник, туку осмислена државна политика од која заслужена корист ќе има и Охрид и Македонија.“ – стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.